Воодушевување, учење и рекреација. Вака изгледаше претпладнето на група деца на десетгодишна возраст, кои на работилница во Ботаничката градина во Гази Баба можеа одблизу да научат како се садат растенија и какво е нивното значење за луѓето. Градината и стакленикот во неа се засолниште за 900 растенија. Некои се стари и до 350 години, а некои воопшто не се типични за нашето поднебје.

Љејла Бихорац е петодделенка во училиштето „Рајко Жинзифов“ во скопската населба Чаир. Тоа што го учи на часовите по биологија, во Ботаничката градина можеше директно да го осознае. „На училиште учиме биологија, како да засадуваме растенија и зошто тие се значајни за чиста животна средина, но сакаме да знаеме уште повеќе бидејќи од нас зависи иднината и како ќе ја зачуваме природата. Доколку ние им помагаме на растенијата и тие ќе ни помогнат нам“, вели таа.

На работилницата, децата учеа за тоа каква е структурата на растенијата, што им треба за да растат и да се развиваат, какви плодови раѓаат... „Процесот на растење е долг, грижата за растенијата треба да биде голема, но користа од нив ја уживаат сите“, им објаснуваше екологот Цветанка Цветкоска од Ботаничката градина.

Но таа ги праша и децата што мислат за значењето на растенијата врз здравјето на луѓето, знаејќи дека во Скопје воздухот е загаден и се сечат дрвја и се уништуваат паркови за да се градат згради. „Дрвјата ни помагаат да имаме почист воздух“, рече едно дете. „Доколку има повеќе дрвја тие ќе помогнат за задржување на водата и да нема поплави “, додаде друго.

Потоа преку микроскопите, децата ја набљудуваа формата на корените на неколку видови растенија и се запознаа со нивните карактеристики.

И следеше најинтересниот дел од работилницата. Учеа како да создадат нов живот, односно да засадат растение. Децата добија мали саксии, земја и зрна грав.

Малиот Џафер Бихорац нескромно се пофали со фотографијата од гравчето кое тој го засадил дома, а кое веќе е растение. „Јас ова го научив во второ одделение и го запомнив. После ми текна да им кажам на родителите да ми помогнат и еве сега имам растение грав дома“, рече Џафер.

На крајот од средбата, од Ботаничката градина им порачаа на децата да ги поттикнуваат и нивните другарчиња, но и возрасните да бидат поодговорни за животната средина.

Ова беше првата од 30-те работилници за млади и деца кои ќе бидат спроведени во Ботаничката градина до крајот на мај од Институтот за биологија, Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Работилниците се наменети за средношколци, основци и деца од градинки за да се запознаат за значењето на биодиверзитетот и да ја зајакнат нивната еколошка свесност.

 

Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Марија Севриева
Фотограф: Виктор Поповски