sansa-za-skopje123.jpg

Граѓанската иницијатива „Здравје пред профит“ во партнерство со Институтот за комуникациски студии (ИКС), организира форум „Шанса за Скопје: Во каков град сакаме да живееме“, што ќе се организира на 21 март во хотел „Холидеј Ин“ со почеток во 14 часот.

„Поттикнати од секојдневното искушение, но истовремено и мотивирани да ги подобриме актуелните несоодветни пракси, форумот има за цел да го потенцира значењето на јавните простори врз квалитетот на животот на граѓаните во Скопје и да предложи алтернативни решенија во врска со урбаниот развој“, велат организаторите.

Форумот ќе биде поделен на три панел сесии на теми: модели на одржливо општинско финансирање кои не зависат од таксите од градежни дозволи, урбанистичкиот план како алатка за подобрување на квалитетот на животот во градот и феноменологијата на градскиот простор.

Потребата од форумот е да се дискутира за новите начини за функционирање на градот, спротивно на сегашните измени во законите, неодржливиот модел за општинско финансирање и видливите политички и бизнис влијанија во проектирањето и планирањето на градот.

Според агендата, во втората панел дискусија „Алтернативни практики за финансирање на општините“ ќе зборуваат и Аце Коцевски, градоначалник на Велес и Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.