Сè повеќе на глобално ниво се укажува на тоа дека ситуацијата во градовите мора да се промени до тој степен што мора да се редефинираат принципите на урбаниот развиток. Градовите толку многу се развиваат што веќе е невозможно да функционираат безбедно, да бидат одржливи, да бидат хумано место за живеење. Веќе е невозможно да се надоместат климатските услови со паркови и дрвореди, па сè повеќе се инсистира на зелени кровови, ѕидови, како површини кои претставуваат интеграција со урбаната средина.

cape town

Кејптаун, Јужна Африка

Урбанизираните, уредени градови всушност претставуваат уредување на животната средина. Одамна е преминат прагот кога градовите биле само концентрација на население, сообраќај, трговија и индустрија. Кога биле населени места каде лесно се пристигнувало и лесно се излегувало. Денес едноставно е невозможно да се зборува за одржлив развој на градовите без „големи резови“.

mercer gradoviГолемите градови, магалополиси, кои се простираат на километри се соочуваат со создавање на урбано опкружување кое треба да ги помири „спротивставените“ функции на работа, сообраќај, домување, производство. Доволно е да се замисли што треба да се случи во таквите градови доколку треба да се произведе барем дел од храната која се увезува од Кина, Шпанија, Бразил, па да биде јасно колку е далеку помирувањето.

Клучот за успех пред сè е сообраќајната комуникација, проблем со кој се борат големите градови со мал успех или без никаков успех. Не треба да се сонува за гигантски инвестиции, но не треба ни слепо да се стои на истите познати „решенија“ кои и ги доведоа градовите во таа ситуација. Превозот со автомобил подразбира соодветна инфраструктура и автопатишта, обиколници, паркинзи, сообраќаен метеж, загаден воздух, бука, проблем со постоечката инфраструктура да прими поголемо оптоварување со растот на населението и сè ова станува неодржливо. Јасно е дека јавниот превоз придонесува за успешно решавање на сообраќајот.

melburn

Мелбурн, Австралија

Градови…

Постојат градови и оние големи градови кои се привлечни. Привлечноста на градовите подеднакво зависи од квалитетот на животот како и од нивната конкурентност. Во меѓусебен натпревар, градовите се брендираат како „зелени“, „креативни“ или „градови на културата“. Својата атрактивност ја градат на квалитетниот урбанизам и архитектура, квалитетот на образованието, културното наследство, спортските и рекреативни можности, заштита на околината, воздухот и водата, општествениот, забавниот и ноќниот живот, духовитоста и духот.

Привлечноста на градовите е резултат на одржлив и интегриран урбан развиток кој вклучува: паметно урбанистичко планирање, одржлив јавен градски превоз, квалитетно и достапно домување, квалитетни јавни услуги, чист воздух, вода, зелени површини, достапни работни места, почитување и негување на минатото. Но за сè ова да се постигне градовите мораат на своето минато да градат подготовки за иднината.

vancuver

Ванкувер, Канада

За да бидат градовите одржливи мора да се предвидува урбана регенерација која подразбира:
- Квалитетен закон за просторно и урбанистичко планирање кој нема да се менува често
- Програма за развој на градот
- Програма за развој на еконаселби
- Програма за обнова на неразвиени, социјално запоставени делови и црни дупки во градот
- Програма за ревитализација на напуштени индустриски објекти во подрачја на градот
- Систем на контрола на просторните процеси

Остварувањето на одржливиот развој длабоко е поврзан со животот во населбите. Најголем дел од населението во светот живее во населби каде што практично се извршуваат производството и потрошувачката на ресурсите, а исто така населбите, пред сè градовите се носители на цивилизацијата, која и ја сфатила неопходноста од разрешување на кризата на развитокот во услови на ограничена достапност на ресурсите, па поради тоа градовите треба да го дадат и одговорот на тоа прашање.

Одржливиот развој – комплексно предвидување на општествените потреби

Основите на современиот урбанизам се формулирани на четвртиот конгрес на Меѓународната организација на модерни архитекти во 1933 година во Атина. На конгресот соопштението го објавил Ле Корбизје под наслов Атинска повелба, која го поставила човекот во центарот на урбанистичкото планирање „Градот во духовна и материјална смисла мора да обезбеди слобода на личноста, но и можност на колективно делување“, а за разрешување на настанатата „хаотична ситуација“ во изградбата го разработила принципот на просторно разграничување на различните функции на населбите. Атинската повелба ги дефинирала принципите на функционалните зони на градските структури. Суштината на тие структури е функциите на населбите просторно да се одвојуваат со што заемно се оддалечуваат. Примената на овој принцип полека станала догматска и надмината, па затоа Атинска повелба била и критикувана.

1 tokio

Токио, Јапонија

Со зголемувањето на градовите различните функции и просторни целини сè повеќе сообраќајно и временски се оддалечувале, а паралелно со тоа пораснал и јавниот метеж, загаденоста и сè повеќе се зголемувала зависноста од автомобилите. И покрај критиките на претераниот функционализам и наведените негативности кои произлегле, тогаш формулираните принципи останале во Европа сè до 1992 година. Потоа се одржани многу конференции за урбанизам и животна средина во Рио де Жанеиро, Најроби, Декларација на архитектите во Чикаго, Совет за населби „Хабитат“ итн. да не должам многу, а заклучокот во голема мера е заеднички на сите овие настани, деклариран пристап дека мора да се обрне големо внимание на одржливиот развој за да биде одржлива иднината. Се воочува неопходноста од иновативен пристап кон проблемите на современите градови, се препорачуваат програми за одржлив развој на градовите, се дефинира улогата на урбанистичкото планирање и се формулираат препораки и принципи на работа и одговорност во носење стручни и политички одлуки. Следствено на овие повелби и декларации непходен е итен исчекор во следните области:
- подобрување на стопанството и вработеноста
- подобрување на општествена и стопанска кохезија
- развој на сообраќајот и интеграција на сообраќајните мрежи
- одржлив развој и подобрување на квалитетот на животот

Повелбите во посебни поглавја се занимаваат со проблемите на заштита на животната средина, како најголем предизвик на одржливиот развој. Се разбира проблемот дека сè поинтензивната мобилност делува спротивно на принципите на одржливост и овој проблем може да биде разрешен на стратешко ниво само со комплексни остварувања. Документите исто така како цели на одржлив развој ја валоризираат потребата на предности на ниво на помали заедници, градови и региони. Укажуваат на тоа дека жителите на населбите биле само објекти, а не и активни учесници во развојните политики. Се нагласува важноста на соработка помеѓу стручните институции и локалното население.

korea

Сонгдо, Јужна Кореа

Проблематиката на одржлив развој се обработува и во посебни поглавја, поаѓајќи од принципот дека урбаната целина треба да се смета за заокружен екосистем, како специфична услужно-производна единица со јасни потреби за сировински ресурси и дефинирана продукција.

Советот на ОН за населби „Хабитат“ на својата втора конференција „Програма на активности за поддржување на одржливиот развој на населбите“ (Истанбул 1992) во својот завршен дел „Хабитат агенда“ во еден дел се вели: „Одржливиот развој е суштинско прашање за развитокот на населбите, кој комплексно ги зема предвид општествените потреби, посакуваниот стопански раст и општествен развиток, како и неопходноста од заштита и зачувување на животната средина. Одржливиот развој треба да обезбеди услови за стопански развој, можност за вработување и општествен напредок во хармонија со животната средина – обединувајќи ги принципите за заштита и зачувување на природната средина, почитување на границата на оптоварување на еколошките системи и зачувување на ресурсите за идните генерации. Одржувањето на населбите значи истовремено и нивна урамнотежена географска дистрибуција, одржување биолошка разновидност, квалитет на земјоделското земјиште и урамнотежен општествен развој“.

За жал и покрај јасно утврдените цели, задачи и средства сите овие документи, агенди и декларации не ги определуваат точно и еднозначно теоретските рамки на одржливиот развој. Тоа е често причина зошто во урбанистичкото планирање поимот одржливост често се сведува само на заштита на човековата околина, заобиколувајќи ја така примената на општите принципи и обврски, а тоа е дека теоријата на одржливиот развој во интерес на воспоставување на општествено – економска рамнотежа и праведност неопходно е спроведување на одлучни и радикални рестриктивни мерки и ефикасни селективни стимулации. Во таква, помалку еуфемистичка пракса, урбанистите во неможност сами да обликуваат, повеќе прифаќаат и спроведуваат неолиберална економска политика, а од друга страна недоволно стручно образовани членови и челници на локалната управа, во недостаток на програми и добри предлози не можат да носат исправни одлуки!

wien

Виена, Австрија

Ова ни кажува дека многу градови имаат проблеми, многу градови се обидуваат и да ги решат, некои со поголем, некои со помал успех. Има и такви кои не можат да се справат. Секако дека во голема мера профитот и бизнис-интересите ги формираат градовите. Тоа е и добро. Само така се развива градот, а не значи дека профитот е на штета на жителите. Во паметните градови е токму спротивното – сите гледаат бенефит. На овој начин и се создават современи, технолошки развиени градови, објекти значајни за историјата на архитектурата, иновативни простори кои придонесуваат за духот на градот и животот во истиот. Градот е производ на духот, но исто така повратно делува и на духовниот развиток, кој е способен да создаде творечка енергија или пак страст за уривање. Градот ја создава околината и атмосферата, која може да отвори можности, решавање на проблеми и развиток, единствено градот располага со систем на институции и средства за нивно реализирање.

Кога се обидувам да го сместам Скопје некаде помеѓу овие проблеми на останатите градови не можам. Од едноставна причина што Скопје не се занимава со своите проблеми и е неспремен за „големи резови“. Скопје не е град кој има проблем поради претераниот функционален концепт за кој говорел Корбизје, а кој покажал мани, или е град кој брзо расте поради брз технолошки напредок. Ниту е град кој привлекува жители поради квалитетот на животот и можност за работа. Во Скопје луѓето доаѓаат затоа што не знаат каде да одат, останатите градови не се развиваат и изумираат или луѓето се донесени за да бидат партиски војници. Скопје на крајот на краиштата не е голем град, а има големи проблеми.

Во Скопје скоро сите урбанистички концепти се формирани под влијание на политичари, на лоби интереси, фирми за градење и шпекуланти со недвижности. Убаво е што властите се грижат за инвеститорите, особено оние што сакаат да градат „современи објекти како во светот“ и „лендмаркови“, а имаат и проект за тоа (3Д слики). Па така има и планови чии измени и дополнувања се изработуваат за еден денар, а проектот е веќе во фиока (случајот со Холидеј Ин). Дали е некој план разумен и добро направен може и треба да се разговара. Но точно е и дека плановите се направени нереално и неодржливо за да се создаде простор за корупција по сите нивоа низ одобрување и измени на плановите.

Во Скопје урбанизмот се решава со обратна логика: урбанистичките планови служат за на нив да се прилагодуваат инвеститорите и за да градат во рамки на зададените параметри, а не обратно. Во спротивно никакво планирање не ни е потребно, туку секој би градел онолку колку што може и посакува. Измени на урбанистичкиот план за локацијата кај Холидеј Ин или онаа кај Скопскиот саем, поради овозможување на некакви си „мегапроекти“, како донесени од некој маркетинг-каталог за недвижности, кои ниту се избрани на конкурс, ниту поминале некои урбанистички проверки е типичен пример за тоа. И не дека ова не се случува и во други поголеми, попаметни, поубави и позначајни градови од Скопје, но нам ни се случува редовно, крајот не се гледа, а сите би сакале да се дел од колачот.

А за разлика од другите попаметни и поубави градови Скопје има и уште еден, многу редок проблем, кој само нам ни се случи не така одамна – „Скопје 2014“. Па така Скопје стана и погрд и поглуп град. Дали треба да се повторуваме бидејќи е многу говорено за „Скопје 2014“ и станува досадно? Да, затоа што изгледа почнува да им одговара да не зборуваме за тоа, бидејќи „сега веќе ништо не можело да се направи“ и така Скопје станува град без самосвест. Но проблемот е уште поголем бидејќи е создаден и поради самите нас, точно е дека е политичка одлука, но исто така е точно и уште пострашно, дека поради комформизам и клиентелизам е направен со помош на пред сè, урбанисти и архитекти, а и останатите инженери. Истите тие урбанисти продолжуваат да ги работат урбанизмите како ништо да не се случило, а за ова мора да зборуваме и да се погледнеме во очи. Треба да зборуваме и за ветувањата дека ќе се постапува по проектот кои паднаа во вода. Недостасуваат оние „големи резови“: одлучност, храброст, пари, знаење и стручност што со објектите. Се понесрамежливо се говори дека било скапо, (божем парите од џеб ќе ги дадат), дека нема да се завршеле, но ќе се пренаменеле, а рушење ги вади од памет, но не и кога се сруши „Беко“. Тоа што во Скопје се создадоа анахрони ѕидови кон Вардар, кичерски кулиси кои ги „уапсија“ достигнувањата на современата архитектура, објектите МОБ, Универзитетот, Поштата, ги сокрија визурите кон Калето не се смета за неодржливо, па затоа изгледа и не се разговара. Градот ја исцрта и поделеноста, а времето ќе покаже колку е таа одржлива, т.е. неодржлива.

IMG 2726

Скопје

Во центарот на државата оставени се два неповрзани плоштада, формирани исклучиво од национални побуди. Едниот припаѓа на „Скопје 2014“, а другиот упорно мисли дека не е „Shkupi 2014“. Едниот е во апсолутен метеж од луѓе, не се знае која скулптура е каде, кој објект за што служи, ни помал простор, ни повеќе скулптури, „архитектура“, „историја“, политика. Другиот е посмирен, сака да биде современ, минимален, сака да даде придонес на новоформиран простор, поставен е по секоја цена, како надвозник, вештачки подигнат, затоа што нема место, а морало да му се најде баш таму, нема никаква нивелација, интеграција и конекција со околината. До него се пристигнува од едната страна по „рем колхасовски“ скали, а од другите страни со скали како да се качувате до трет кат, но може и со лифт. Овој плоштад е празен,пист, нема никој, но минимал е нели, има клупи, цвеќиња и прљави натстрешници кои треба да разбијат. Каде завршува и каде понатаму не се знае, па затоа е пресечен, а објектот од значење за историјата на архитектурата Даут – пашин амам го остави во дупка од која никогаш нема да исплива. Едниот плоштад ја сокрива и преобликува намерно архитектурата на 20 век, а другиот срамежливо онаа од 15-тиот.

Во Скопје по сè што му се случува не постои одржлив развој. И во „Скопје 2014“ и во дугото Скопје најголем проблем е урбанизмот, со архитектонското обликување полесно се справува. Скоро и да не постои урбанистички план кој не претставува проблем, не може да се зборува за одржлив развој додека не се формираат стручни тимови, агенции за урбанизам, Министерство за урбанизам, додека не се повикаат луѓето кои ова му го направија на градот на одговорност. На Скопје му е потребен концепт, определба во која насока и како ќе се развива градот и болни и големи и длабоки резови, сè тоа проследено со прецизни програми и анализи. За да има Скопје шанса мора да научи да цени и да почитува, да разговара, да научи да каже добар ден!

„…ме интересира човечката супстанца на градовите, па затоа често хипостазирајќи ги, ги очовечувам, персонифицирам. Ги сортирам според физиономиите и карактерите, исто како и луѓето. Се обидувам да си ја објаснам внатрешната сила со која се опираат на искушенијата и ги совладуваат животните драми. Ги следам во големите и мали радости, ја сакам нивната смисла за хумор, доколку ја имаат и спремен сум да им простам безопасни настраности. Но, пред сè ме интересира нивната самосвест, нивното чувство на континуитет. Бидејќи се плашам од градови без меморија, токму така како што се плашам од луѓе без потсвест“. – Богдан Богдановиќ

* Со овој текст Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина ,,Не игнорирај! Реагирај!” (www.reagiraj.mk)