Контрадикторни политики водат Владата и локалната самоуправа бидејќи од една страна декларираат борба против загадувањето, а од друга страна поттикнуваат изградба на големи деловно-станбени објекти кои ќе го блокираат нормалното струење на воздухот и ќе го зголемат сообраќајниот хаос во главниот град.

Во моментов во Автокоманда, Аеродром, Центар и Карпош е почната или се планира изградба на вакви објекти на вкупна површина поголема од половина милион квадратни метри кои ќе бидат директна пречка на и онака слабите ветрови во скопската котлина.

До хотелот „Континентал“ на местото на поранешниот „Скопски саем“ веќе е почната изградбата на деловно станбениот комплекс „Ист гејт“ кој ќе се простира на површина од 152.000 квадратни метри.

Се планира изградбата на целокупниот комплекс да се одвива во период од пет до седум години. Проектот вреден 350 милиони евра предвидува изградба на 10 згради за колективно домување со 1.600 станови, пет бизнис центри со предвидена нето површина од 66.000 квадрати и трговски центар со површина за изнајмување од 53.000 квадратни метри.

 

Во строгиот центар на Скопје веднаш до Старата железничка станица турската компанија „Лимак“ го гради деловно-станбениот комплекс „Дајмонд“ на вкупна површина од 325.000 квадратни метри. 

Според најавите на оваа парцела ќе никнат четири 20-катни згради со вкупно 1.000 станови, трговски центар, деловен центар, хотел, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили. Освен што ќе го блокира струењето на воздухот од Водно овој објект ќе стане лепенка до Старата железничка станица, која е прогласена за културно наследство на нашата земја.

Во Аеродром освен облакодерите на „Џеваир скај сити“ кои се простираат на парцела од околу 14.000 квадрати на повеќе локации се градат големи станбени блокови со кои се узурпираат зелени површини.

И покрај протестите на жителите на Аеродром, на тревникот до Мајчин дом, поранешниот пратеник Фатмир Етеми веќе на големо ја гради најавената деветокатница, а кај „Тобако 2“ во тек е изградба на повеќе станбени блокови кои наликуваат на големи брани.

 

Во строгиот центар на градот на паркингот спроти „Холидеј ин“ е планирана изградба на шеесеткатни згради кои ќе го фрлат во сенка централното градско подрачје.

Станува збор за парцела од 13.640 квадратни метри која Министерството за транспорт и врски под сомнителни околности им ја продаде на фирмите „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица.

Советот на општина Карпош неодамна едогласно го усвои ДУП-от за Градска четврт ССИ 03 од Блок 4, кој опфаќа дел на касарната „Илинден“ кој потпаѓа под општината.

На оваа локација на 150.000 квадрати се планира изградба на станбени згради од приземје пет ката и поткровје, со височина од 21 метар, а се предвидува и изградба на ново училиште, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана.

Ваквите огромни градежни зафати доаѓаат во период кога во главниот град има презаситеност на станбениот пазар. Имено, според податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности во периодот октомври-декември 2018 година во земјава се продадени 752 нови станови, што е за 40 станови помалку од третиот квартал, минатата година.

Статистиката на катастарот покажува дека заклучно со декември, 2018 година има 5.254 станови кои се изградени, а се уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. Во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 11.593 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Над деведесет отсто од изградените и планираните станови се во Скопје.

„Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови“, се вели во извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Сепак, ваквите податоци не ги спречија надлежните да поттикнуваат инвестиции во нови градежни објекти.  

Вицепремиерот Кочо Анѓушев повика да се инвестира во недвижности

„Сакам да им порачам на сите што имате намера да инвестирате, направете го тоа сега. Ви зборувам како стопанственик, како човек, кој се обидува да ги види работите три чекори напред, праксата покажала дека во многу наврати сум ги видел, не секогаш најдобро, многу пати човек греши. Но она што сега го гледам е дека квадрат стан, квадрат деловен простор во Софија, Букурешт, Будимпешта, пред десетина години кошташе 800 до 1.000 евра, денеска кошта 2.500 до 3.000 евра. Тоа ќе се случи и во Република Северна Македонија. Градете, инвестирајте. Се што ќе направите во овие следни години, после неколку години ќе има вредност пута два, пута три. Тоа не можете да го направите на друг начин.“

Милевски: Запирање на изградбата на високи и напречни објекти за почист воздух

Ивица Милевски, доктор по географски науки и асистент на Институтот за географија при Природно математичкиот факултет вели дека причините за високата аерозагаденост во Скопје се природната предиспонираност и човековите влијанија.

„Според природните услови, поставеноста и положбата, Скопската Котлина има добар „еко-капацитет“ за град со најмногу 150.000 до 200.000 жители. А Скопје веќе во 1960-тите години нагло и драстично го надмина тој број и достигна половина милион жители.

Поради положбата на градот во релативно малата Скопска котлина, која од три страни е заградена со средно високи и високи планини, во зимскиот дел од годината се чести периодите (деновите) без ветер. Кога има ветер, тоа најчесто е Вардарецот, кој дува од северозапад кон југоисток и обратно, односно по долината на реката Вардар. Одредено влијание врз правецот на ветерот има и долината на Лепенец кон север, условувајќи продор на северен до северозападен ветер“, објаснува Милевски.

Тој додава дека другите ветрови имаат мала честина и јачина и се со помало значење за природното проветрување на градот.

„За жал, некои поголеми згради, објекти и фабрики во Скопје се изградени токму попречно на правецот на главниот ветер, драстично намалувајќи го неговиот „пречистителен“ ефект во приземниот слој до височина од 50 метри. Такви се железничката станица, градскиот ѕид и повеќе други, кои се поставени во правец север-југ или североисток-југозапад“, вели Милевски.

Тој вели дека за да имаме почист воздух меѓу другото е потребно запирање на изградба на високи напречни објекти во подножјето на Водно (заради непречен продор на планински воздух), запирање на изградба на високи трансферзални објекти во градот во правец попречен на Вардарецот, стимулација на користење на јавен превоз (преку неограничени дневни, повеќедневни, групни и седмични карти), воведување на зони само за јавен превоз и велосипеди, стимулација и субвенции за електро-такси превоз и возила, забрана за сообраќај на возила со прекумерно ниво на издувни гасови, драстично зголемување на градското зеленило во централните делови, стимулација и субвенционирање на еколошко греење (наместо фосилно гориво).

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар и фотограф: Владимир Николоски