eko-proekti-ucenici-od-vlado-tasevski-696x402.jpg
Младите, образованието и екологијата во нераскинлива врска

Децата се директно засегнати и загрозени од загадувањето на животната средина и, за жал, тоа го осознаваат уште многу мали. Од училишните клупи се вклучуваат во екопроекти и активности со намера и тие да придонесат за некаква промена за подобро утре. Нивното неуморно учество во голем број еколошки активности, придонесува своите нови знаења и навики да им ги пренесат на своите родители и блиски. Така, децата стануваат нивни учители и заеднички можат натаму да истражуваат, но и да ги применуваат убавите навики и однесувањето кон животната средина. Затоа добро е што, преку разни екопроекти од училишните клупи, знаењето и навиките се пренесуваат во домот, а од домот и во општеството. И не само учениците од основните и од средните училишта, туку и студентската младина често е дел од разновидни проекти, селектирање отпад, рециклирање, учество на натпревари и физички активности за почиста или поеколошка средина за сите. Младите, образованието и екологијата, често се во нераскинлива врска. Тука се и нивните креативни идеи од рециклирани материјали да создаваат креативни и модерни парчиња за да покажат што можат, а тоа да не биде отпад.

Во грижата за околината и подобра животна средина се вклучени и учениците од основното училиште „Владо Тасевски“. Неодамна тие беа и дел од проектот „Зелени стапалчиња“, кој се реализира во општината Карпош. Ангажирани беа учениците од петто одделение, а нивна задача беше да селектираат и да рециклираат отпад.

– Во ООУ „Владо Тасевски“ еколошката интеграција се реализира во редовната настава и слободните училишни активности. Учениците од најмала возраст се поттикнуваат на еколошко однесување и грижа за животната средина. Тие селектираат и рециклираат хартија, пластика и батерии. Минатата година со учество во велосипедско дефиле го одбележивме Меѓународниот ден без автомобили, 22 септември. Нивните пораки беа: „Вози велосипед низ целиот свет“ и „Оди пеш за воздух свеж“ – вели екокоординаторката Емилија Василева Чоловиќ, наставничка по биологија во ова училиште.

Во рамките на проектот „Зелени стапалчиња“, вели таа, учениците со лепенки го евидентирале секое еколошко доаѓање и одење пеш, со велосипед, ролери, тротинет. Учениците ги детектирале критичните точки на патот од училиште до дома, твореле на теми поврзани со намалување на загадувањето на воздухот. Инспиративни биле и на темата „Кога би бил градоначалник“, а сите свои активности овие ученици ги презентирале на прием кај градоначалникот на општината Карпош.

За направеното и вложениот труд, учениците и училиштето освоија награди за максимално залагање и успешно спроведување на проектот. Со тоа училиштето се промовира на светско ниво преку „Клајмат алајанс“ на самитот за заштита на климата во организација на Обединетите нации во Краовице, Полска.

Наставничката Василева Чоловиќ вели дека нивните проекти поврзани со екологијата и здравиот начин на живеење не завршуваат тука. Реализирале голем број активности и за одбележувањето на Денот на пролетта и екологијата. Интересно е и нивното истражување за тоа колку отпад се создава од домаќинствата, дали се врши негово селектирање и каде завршува тој.

– „Да го направиме светот подобро место за живеење“ е мотото на екопораките и летоците што ги изработија учениците за издигнување на јавната свест за подобро еколошко однесување. Исто така, во училиштето се организираат екоработилници и предавања во соработка со родители и стручни лица. Плод на таква соработка е „Веселата лабораторија – Знаењето во служба на природата“ со наслов „Прочистување на отпадни води“, реализирано во соработка со родителот и професор по хемиски науки Јожица Мајда Серафимовска – објасни наставничката Емилија Василева Чоловиќ.

И учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“ исто така активно се вклучени во проекти и активности со кои одлучно сакаат да придонесат за почиста средина.

– Во нашето училиште „Јан Амос Коменски“ постојано се работи на еколошката свест кај учениците преку проекти и во редовната настава. Училиштето е вклучено во кампањата на „Пакомак“ за селектирање отпад. Два циклуса едноподруго е добитник на „зелено знаме“ за имплементирање екоактивности. Учествуваме во европската кампања „Зелени стапалчиња“ и „Клајмат алајанс“, во која се развива свеста за користење еколошки превозни средства. Учениците сакаат да работат на проекти, им се допаѓаат ваквите активности и со задоволство ги прифаќаат. Но потребно е издигање на свеста и во семејствата, за да може да се постигне посакуваното ниво на еколошка свест – вели наставничката Александра Блажевска.

Рециклирањето материјали, но и ставови е изводливо

Голем удел во издигнувањето на еколошката свест имаат и средношколците и студентите во нашата земја. Па, така, студенти од Технолошко-металуршкиот факултет беа ангажирани од отпаден текстил да направат производи прикажани на ревија, за да покажат дека рециклирањето е изводливо, како на материјалите така и на ставовите на луѓето.

Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиевска, студентите од Технолошко-металуршкиот факултет работеа на проектот „Рециклирање“, а целта повторно е да се зачува животната средина. Оттука доаѓа и инспирацијата за ваквата ревија, која се одржа во зградата на Европскиот универзитет на 31 март годинава, а во рамките на „Модната недела“ – Скопје. На него учествуваа пет студентки од Технолошко-металуршкиот факултет од насоката Дизајн и инженеринг на облека и презентираа три колекции создадени од отпадни материјали. Во нив, тие го трансформираа отпадот во нежност и женственост и со тоа покажаа дека може да се рециклираат материјалите во нешто убаво, но и тоа дека можеме да се „рециклираме“ и самите.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, на 16 мај, се одржа модниот проект на „Сустеинаблсторимк“, инициран од „Моден викенд“ – Скопје, а кој ги спои екологијата, образованието и модата. Претставени беа колекциите од текстилен отпад на осум млади дизајнери, а настанот беше поддржан од Британскиот совет во Македонија.

Покрај студентите, во натпревар за изработка на креации во еден друг проект беа вклучени и учениците од средните училишта. Тие со реупотреба на материјали со свои креации се појавија на „Треш фешн“, кој годинава се одржа на 24 мај во МКЦ, а по повод Светскиот ден на животната средина. На настанот учествуваа тимови од 40 средни училишта, кои четири месеци активно собираа, рециклираа и изработуваа оригинални модни дизајни. Целта на овој проект е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина собирајќи го отпадот околу нив и со него да креираат оригинални модели со негово реискористување. Покрај наградите за првите три места, годинава се додели и награда за тимот што има употребено најмногу отпад за изработка на својот модел.

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Текстот е првично објавен ТУКА.