ohrid-camci-38klig9ukyg65hf3l0114w.jpg

Охрид сигурно ќе се најде на Листата на заштитени подрачја во опасност, бидејќи вообичаено препораките коишто ги дава Комитетот за светско наследство на УНЕСКО се усвојуваат, вели Ана Чоловиќ Лешоска од невладината „Еко – свест“, добитник на престижната награда за животна средина „Goldman“ за 2019,  која се доделува секоја година на заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот. Таа смета дека тоа ќе биде праведно но и потребно, за да се мотивираат релевантните фактори да ги преземат потребните мерки за да се спаси УНЕСКО сатусот на Охридскиот регион.

-Според мене е праведно да се најде на листатa. Тоа праќа порака дека ние како држава, како власт не сме направиле доволно да го заштитиме единственото заштитено природно и културно наследство.  И треба некој, нели целата дискусија е за морков и стап, сега е време за стап, вели Ана Чоловиќ Лешоска – НВО „Еко свест“.

Тоа што се случува во Охрид, се случува во целата држава, што е резултат на недостиг на капацитети и приоритети како што е заштитата на животната средина, вели Чоловиќ Лешоска. Таа се сомнева дека до состанокот на Комитетот за светско наследство кон крајот на месецов во Баку, може нешто значително да се поправи, дотолку повеќе што државата имаше години да преземе конкретни мерки за заштита на универзалните вредности на единственото УНЕСКО подрачје во земјата.

-Може да се донесат одлуки на хартија, но ние како држава не мислам дека покажавме доволно посветеност да го заштитиме ова подрачје. Доколку сакавме да покажеме, требаше да срушиме одредени објекти како што тоа беше случај на албанската страна од езерото, , вели Ана Чоловиќ Лешоска – НВО „Еко свест“.

Освен урбанистичката деградација, најмногу загрижува негрижата за Охридското Езеро, каде процентот на органски материи во водата опасни за опстанокот на живиот свет енормно е зголемен, што се должи на нефункционалниот колектор, кој наместо да го прочистува, го загадува овој исклучително значаен природен ресурс.

При најмали врнежи, а некогаш и кога нема врнежи колеторот директно се излева во езерото. Од друга страна поради лошата финансиска состојба на јавното претпријатие често  се исклучува струјата од пумпните станици.

Државата го презеде стопанисувањето со кокторскиот систем на Охридското Езеро, со што финансиски ги растовари општините Охрид и Струга, но и натаму голем предизвик останува неговата рехабилитација, која според најавите треба да започне во втората половина од оваа година.

Горан Момироски

Со овој прилог Телевизија Телма се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.