proletna-seidba-kocansko-banskoliev-191-696x463.jpg

Климатските промени сѐ повеќе влијаат врз сите сфери на животот на човекот, но и на животинскиот и растителниот свет. Генерално, сѐ почестите временски непогоди се резултат на климатските промени, кои ја менуваат целокупната природа. Сѐ повисоките надворешни температури и долгите сушни лета го погодуваат сиот жив свет, а не треба да се заборават и големите температурни осцилации што станаа редовна појава, како и суровите зими во одделни региони. Овие промени, многу веројатно во иднина ќе ја променат и туристичката слика во сите земји, па и во Македонија. Но она што разочарува и станува сѐ поалармантно, е дека човекот како фактор со своето негативно влијание ги потпомага климатските промени, а природата само враќа како бумеранг. На климатските промени, секако, влијаат загадувањето на воздухот, отпадот, кој е најголем извор на стакленички гасови, транспортот, производствените индустрии, градежништвото…

Според вториот двогодишен извештај за климатските промени во Македонија, секторот енергетика најмногу придонесува за создавањето на емисиите на стакленички гасови, а особено поради употребата на фосилните горива, главно јагленот, со кој се задоволуваат 80 отсто од потребите за енергија во земјава. Климатските промени директно ќе влијаат и на намалувањето на резервите на вода, која е неопходна за опстанокот на сиот жив свет. Ако ништо не се преземе, многу е веројатно дека водата може да стане главен ресурс за кој ќе се борат нациите, наместо за нафта или за храна. Климатските промени евидентно се причината за сѐ повеќе смртни случаи од топлотни или, пак, студени бранови.

Сево ова ќе направи огромни промени во туристичката мапа во светот. Затоа се потребни стратегии и планови за итно дејствување и справување или ублажување на негативни ефекти од климатските промени. Според Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, Република Македонија како држава не може да стори многу за глобалните климатски фактори што се во тек, бидејќи за тоа треба пред сѐ активно да се заложат најголемите светски економии и индустрии, кои продуцираат најмногу стакленички гасови. Според него, на домашен терен, потребно е навреме да бидат подготвени стратегии и планови за итно да се дејствува кон справување или ублажување на споменатите негативни ефекти од климатските промени.

Човечкиот фактор е причината за нарушената атмосфера поради претераното испуштање штетни гасови во атмосферата. Според истражувањата на Националната океанска и атмосферска администрација (НОАА) на САД, Средоземјето, вклучувајќи ја и Македонија, станува сѐ посуво. До 2050 година, средната температура ќе порасне за 1,9 степен Целзиусов, а до 2100 г. за дури 3,8 степени Целзиусови. Врнежите ќе се намалат за 5 отсто до 2050 година, односно за 13 отсто до крајот на векот. Поради ова идните генерации ќе имаат проблеми со водоснабдување, со намален род во земјоделството, потоа со засилена ерозија, со појава на суши, пожари итн. Поради сиве овие промени секоја добра стратегија за развој на туризмот мора да се адаптира на промените според светските трендови, желбите на туристите и промените во глобалните ресурси и економијата.

Во 21 век сѐ почесто се применуваат специјализираните, алтернативни форми на летување, како на пример еколошкиот туризам. До неодамна, глобалните и локалните стратегии за туризам не го земаа предвид, можеби, најважниот фактор за развој на овој сектор, а тоа се промените во животната средина и климата. Климата е одлучувачкиот фактор во изборот на дестинации за одмор и голем број од активностите на туристите зависат од нејзината стабилност. Неколку години во низа топлите денови во Македонија и во регионот започнуваат сѐ подоцна, па затоа и туристичките агенции подоцна ги започнуваат и ги завршуваат туристичките сезони.

– Веќе неколку агенции од Македонија и од Србија ја продолжуваат сезоната до половината на октомври. Очигледно е дека од мај, почетокот на сезоната, времето не е исто како истиот период лани. Летото доцни и поради тоа треба да има поголема флексибилност од агенциите. Поради климатските промени се продолжува сезоната од година на година. Со затоплувањето, времето во септември е подобро од времето во јуни. Во други земји, во одредени туристички места, плимата и осеката ги поместуваат убавите плажи поради морското ниво, кое директно е засегнато од климатските промени – смета Владимир Ќосе, претставник на туристичката агенција „Савана“.

Човекот е индиректен фактор што влијае врз промената на климатските услови во одредени области. На пример, дивоградбите за кои толку многу се зборува, исто така негативно влијаат на туризмот, а ги оштетуваат флората и фауната што ги има, на пример, во Охридско Езеро. На тој начин се исцрпуваат природните ресурси, кои влијаат на наглите промени на температурата на водата, дури и во делот од крајбрежјето.

Влијание има и сезонскиот туризам што го имаме во летниот период, кога има најголем метеж од луѓе, а многумина од нив се однесуваат несовесно кон животната околина. Токму тоа, оставањето ѓубре како на дното на езерото така и низ градот и околината, прави да биде загаден целиот охридски регион, па и другите туристички места.

Во Македонија намалените врнежи од снег ќе влијаат врз зимските туристички капацитети, особено на оние на пониска надморска височина, како што се Маврово и Крушево. Како последица на климатските промени, кои ќе ја дестабилизираат климата во Македонија, традиционалните предели, како и познатите лозја низ земјата ќе претрпат значителни промени, а тоа секако може да се одрази и на квалитетот на грозјето, па и на виното, познато надалеку.

Климатските промени се случуваат и сѐ поголем данок ќе земаат во иднина. Не можеме да ги сопреме производството, потрошувачката и консумацијата на енергија поради начинот на живот, затоа најдобро би било да се подготвиме и адаптираме на условите што ќе ги диктира природата. Најмногу што може да направи човекот е да се подготви за пловењето во бурата, која допрва доаѓа. Можеби е време да го наслушнеме предупредувањето што доаѓа од природата, за да обезбедиме подобри и побезбедни денови за идните генерации.


Обостран ефект меѓу климатските промени и туризмот

Постојат многу обострани врски и ефекти помеѓу туризмот и климатските промени. Според неодамнешна студија „Природа: климатски промени“ од научниот британски весник „Нејчр“, објавена во јули, осум отсто од емисиите на јаглерод диоксид му се припишуваат на глобалниот туризам. Со растењето на светскиот туризам се зголемува и емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата. Одморите на луѓето, кои понекогаш се и неколку во годината, ја зголемуваат потрошувачката на фосилни горива. Со крстосување на бродови и летање со авион, туристите влијаат на климатските промени. Промените се чувствуваат и на копното, главно на ниските планини, каде што сѐ почесто има кратки и нерамномерни врнежи од снег. Плажите се подложни на ерозија, а со тоа ќе се зголемува и нивото на морињата.

Вања Таневски

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“

Текстот е првично објавен ТУКА.