Јане Димески

Предвидувањата се дека ако просечната температура се зголеми за 2 степени до 2030 година скијачките центри Маврово и Крушево, кои се на помала височина, подобро да се преориентираат кон планинарење и велосипедизам.

Познатиот светски водич за туризам „Лонли планет“ (Lonely Planet) ја препорача Македонија како една од врвните 10 дестинации за посетување во 2020 година. Водичот прецизно ја доловува понудата за туристите во, како што го нарекува, „неоткриеното плодно ќоше на Европа“. Се истакнуваат планините на националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер, езерата, центрите на Скопје, Битола и Охрид, археолошките наоѓалишта, сомениците од НОВ, храната и виното. И тоа е одлично. Проблемот е што оваа понуда, во која треба многу да развиваме и со која можеме да привлечеме гости, веќе треба да ја менуваме ако сакаме да го задржиме туризмот.

Причината е што климата се менува. Студените снежни зими и топлите лета со преодни благи есенски и пролетни сезони се нешто што веќе исчезнува. Сезоните се поместуваат. Третиот национален извештај за климатски промени наведува дека просечната темпереатура во следните педесетина години ќе се зголеми за 3-4 степени Целзиусови. Летата ќе бидат уште потопли и подолги, а зимите поблаги и со помалку врнежи на снег. Toa, според анализите, ќе биде закана за некои области во туризмот кои тукушто почнаа да се обликуваат како што треба. Овие закани може да се трансформираат и во предност во некои делови, но единствено ако се преземат мерки.

Извор: Wikicommons

Чај на трева наместо на снег

Нема поголем мерак во скијањето од моментот кога заморени ќе ги откопчате тешките скијачки чевли и ќе седнете во бачилото на топол чај. Жешкиот чај испарува на студениот воздух додека се сончаме на зимското сонце. Ваквите уживања ќе бидат сè поретки и по некое време може целосно да ги снема ако се остварат прогнозите за климатските промени.

Предвидувањата се дека ако просечната температура се зголеми за 2 степени до 2030 година скијачките центри кои се на помала височина, како што се Маврово и Крушево, може да немаат снег и подобро да се преориентираат кон планинарење. Ски туризмот насекаде во Европа се соочува со истата закана од намалена „снежна безбедност“. Под снежната безбедност се мисли на надморска висoчина на која помеѓу 16 декември и 15 април во годината има доволно снег за скијање најмалку во период од 100 дена.

Се проценува дека затоплувањето и намалувањето на врнежите до 2030 година ќе ја подигне оваа граница на снежна безбедност неколку стотини метри нагоре, односно повисоко отколку што сега се протегаат терените на Маврово и во Крушево. Маврово се протега на 1255–1860 метри, а Крушево 1240–1400 надморска висина. Проценките се дека височината од која ќе почнува снежниот појас ќе се подигне на 1500 метри.

Извор: Tрет национален извештај за климатски промени, Сектор туризам

Снегот, ако тоа го дозволуваат временските услови, може да се дополнува и на вештачки начин, со топови. Меѓутоа, ако температурите се повисоки, како што се очекува, ваквото производство на снег ќе влече многу струја и вода, што ќе ја зголеми цената на билетите.

Ќе има и ризици. На пример, почесто ќе врнат силни дождови отколку снег, па истата количина на вода ќе се слева по планините во многу краток период наместо да стои во вид на снежна покривка и постепено да се топи во пролет. Тоа ќе предизвикува одрони и лизгања на земјиште што дополнително може да нанесува штета на патиштата, хотелите, викенд населбите и ски лифтовите и, во краен случај, да биде и опасно за луѓето.

Овие центри вработуваат многу луѓе особено во зимските сезони. Постои цел синџир на снабдување кој е инициран токму од желбата за уживање на снегот. Фарми произведуваат јајца, млекарите млеко, сирење и јогурт, месарите испраќаат месо, рибниците риба, фурни испраќаат леб... Се троши скијачка опрема, има спасители, возачи на ратраци, редари, келнери во рестораните и хотелите, собари и собарки. И покрај ваквите закани, во извештајот за климата се наведува дека „кај влијателни претставници во овој сектор (туризмот) постои определено ниво на цинизам“ во врска со промените на климата.

Што да се прави? Препораката е ски центрите да почнат да развиваат и летна понуда и можности за планински активности на суво во зима, за да ги задржат гостите со нови содржини покрај скијањето. Тоа би подразбирало поголема понуда за пешачење, планинарење и велосипедизам.

Виното може да „пресуши“ или да го има уште повеќе

Зголемениот број винарски визби кои нудат дегустација на вино, храна и преспивање се одличен адут за туризмот во Македонија. Само во Повардарието се отворени повеќе од 10 винарски визби кои имаат вакви понуди. Глетките во винариите се вообичаено идилични. Полна маса со превкусна локална храна, вино и ракија со поглед на пространи лозја натежнати од грозје.

Лошото е што сето тоа е под закана. Се проценува дека родот на грозјето до 2050 година може да се намали за 50 отсто поради зголемувањето на температурата и сушата токму во Повардарието. Во делот за земјоделството во Извештајот се проценува и дека должината на сезоната на вегетацијата се очекува да се намали за 30 дена.

Од друга страна, ако се воведе наводнување капка по капка приносите може да се зголемат. Проценките се дека со навремено и соодветно наводнување родот на грозјето ќе се зголеми за 22 отсто до 2025 и за 26 отсто до 2050 година. Ако лозарите постават мрежи кои ќе ги штитат лозјата од сонцето, можат да ја менуваат и микроклимата во лозјата, така што ќе ја намалат температурата на воздухот и врз грозјето. Со тоа се проценува и дека ќе се спречат заболувања кои ги предизвикуваат врнежите и ќе го намалат ризикот од оштетување на грозјето од град. Се препорачува и преместување на лозовите насади за 250 метри повисоко, со што ќе има 15 дена одложување на зреењето на грозјето, но и поголем род.

Извор: Wikicommons

Езерата, планините и спомениците ќе добијат продолжена сезона

Езерата се чини дека ќе добијат најмногу. Се прогнозира дека во следните декади промената на климата ќе ја продолжи летната сезоната, а луѓето во езерските региони ќе можат подолг период да услужуваат гости во хотелите и пансионите.

Истото важи и за летните тури по планините, по спомениците и за шетање во градовите. Сувото и топло време, налик на она што го имавме деновиве кога зимското сметање на времето многумина го дочекаа во лесна облека, ќе овозможи пријатни услови за шетање и во есенските месеци.

Сепак, потенцијален проблем ќе бидат превисоките температури во лето. Ако во сегашни услови е сосема нормално одреден период во лето да живееме на 40 степени, замислете како ќе биде ако во просек се додадат уште 2 степена. Пеколната жештина исто може да биде причина гостите од странство да не можат да ги посетуваат локалитетите што им ги предлага „Лонли планет“.

Јане Димески e новинар и еколошки активист.

Блогот е изработен во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.