Јане Димески

Интензивните и концентрирани врнежи предизвикуваат лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и поплави поради што секоја година се губат околу 17 милиони кубни метри обработлива почва.

Тешко некој да може да го заборави одбивниот киселкаст мирис од мешавината на канализација, земја, искршени и истечени зимници, алкохол, скапан зеленук и овошје, и издувни гасови од дизел мотори на градежна механизација и камиони. Така мирисаше дел од населбата Стајковци неколку дена откако водата од поројниот дожд ги поплави улиците и куќите во селото на 6 август 2016 година. Малку подалеку, на автопатот кој го обиколува Скопје невремето одзеде 22 живота.

Дента кога им помагавме на сограѓаните, на војниците кои беа ангажирани да расчистуваат им недостасуваа лопати и канти. Најделотворни се чинеа тимовите на турските противпожани единици кои методично со своите камиони и црева чистеа подрум по подрум и дезинфицираа. По невремето, извидници самоиницијативно први го исчистија училиштето во Стајковци каде потоа се смести кризниот штаб составен од институциите. Волонтерите го мапираа теренот и штетите, и распределуваа доброволни работници и помош побрзо отколку институциите. Во тие денови се откри дека на институциите им недостасуваат чизми, чамци, пумпи, црева или практично сè што е неопходно во таква кризна и катастрофична ситуација. Ги баравме како помош од ЕУ.

Пратениците во Собранието заседаваа и не се усогласија што треба да се преземе. Потоа повторно заседаваа за да утврдат дали има вина кај институциите за несоодветната реакција. Седницата пукна уште на почетокот на процедурален момент за тоа кој колку време ќе има за да ги испрашува сведоците. Ништо не се истражи и никој не беше виновен.

Тоа е генерално сè што треба да се знае како државата реагираше на, можеби, најголемата природна непогода која зафати дел од земјата во последните неколку децении.

Проблемот е што ваквата непогода односно ненадеен пороен дожд кога во многу кратко време се излеа голема количина вода, нема да биде само настан кој се случува „еднаш на сто години“. Прогнозите за промена на климата го велат баш спротивното и порачуваат: навикнете се.

Фото: makfax.com.mk

Шумските пожари ја засилуваат ерозијата

Во националните извештаи за климатски промени се посочува дека во следните декади покрај тоа што ќе има постепено намалување на врнежите и достапноста на водата, врнежите ќе го менуваат и својот распоред. Тоа значи дека сè почесто ќе има ситуации во кои оддеднаш ќе врне пороен дожд кој во краток временски период ќе излее многу вода кои ниту почвата, ни инфраструктурата може да ги примат. Потоа се проценува дека ќе следат подолготрајни сушни периоди од оние кои ги имало до 2002 година.

Тоа, според научниците, ќе придонесе и до зачестување на непогодите. Од суши, поплави, лизгање на земјиште до засилување на постојаната ерозија. Опасноста е дека во овие процеси ќе се губи земјоделско земјиште и плодна почва, а постои опасност и од губење на живеалишта и животи.

Но тоа не се должи само на зачестувањето на екстремните временски појави. Како што се посочува во публикацијата на Шумарскиот факултет во Скопје „Современ пристап за превенциjа и управуване со ризици од природните непогоди во планински/шумски подрачjа“, човековата активност може да ги намали или засили ефектите од непогодите. Така, на пример, во услови на суша се зголемува ризикот од шумски пожари. После шумски пожар, се интензивира ерозиjата и можноста за поjава на штетни води, што доведува до пороjни поплави во долните делови од сливовите. Вистинско домино од кое може сериозно да се настрада.

Последните години често имаше шумски пожари кои беа природни, но почесто и подметнати. Последните гореа кај Велес, околу Скопје, на Шара, во Маврово до пред само еден месец. Секоја година има и значителна нелегална сеча на шуми по планините. Во скопскиот регион се градат нови куќи и згради се` повисоко на падините на Водно. Едно од свлечиштата на Водно кое настана од пробивањето на патот преку планината кон Сопиште и несудениот „Сончев град“ виси над дел од градот.

Засега состојбата оди во непосакуваната насока. Според сателитските мапи на Глобал Форест Воч, Македонија од 2001 година до денес загубила 4,3 проценти од шумската покривка. На мапата лесно може да се забележат и изгорените површини, но и оние на кои постепено секоја година се намалува шумата. Таквите подрачја ги има во околините на сите градови и на стрмните планински падини.

Најкритично, според состојбата, се чини подрачјето над општината Липково на границата со соседно Косово. Таму, во пограничниот појас може да се забележи дека последните години голем дел од планината е останат без шума.

Ерозијата ги стеснува езерата

Во Третиот национален извештај се наведува дека ерозија е забележана кај повеќе од 95 проценти од вкупната површина на земјата. Со тоа Македонија е една од најранливите земји изложени на деградација на земјиштето на Балканот. Главните причини за оваа раширена ерозија е планинскиот релјеф, неодржливите земјоделски практики, како и промените на климата проследени со интензивни врнежи и суши.

Притоа, интензивните и концентрирани врнежи предизвикуваат лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и поплави поради што секоја година се губат околу 17 милиони кубни метри обработлива почва. Голем дел од оваа почва завршува во природните или во вештачките езера. Се наведува и дека напуштањето на некои земјоделски практики ја намалува ерозијата. Сепак, во некои планински подрачја неодржувањето на антиерозивните тераси најверојатно придонело за нејзино зголемување.

Наносот кој се слева во езерата, пак, е друг голем проблем. Според брошурата на Шумарскиот факултет, просечно годишно околу 300 илјади метри кубни нанос се таложи во акумулациите. Ефектите од тоа се долгорочни, бидеjќи штетите ги трпи водостопанството (намалуване на просторот за акумулиране на водите), а преку ова и земjоделството (80% од водните ресурси во државата се користат за наводнуване). На крајот од тоа трпи и економиjата.

Универзитетскиот професор по географија Ивица Милевски уште пред 7 години објави мапа на која според истражувањата околу 10-20 проценти од територијата на Македонија е потенцијално подложна на појава на свлечишта, одрони и други форми на движење на земјишните маси. Особено изразени потенцијални подрачја се оние по рабовите на котлините и во централниот дел на државата.

Извор: igeografija.mk

Мерки на хартија

Како генерални мерки кои се наведуваат дека може да помогнат во справувањето со овие непогоди се планско градење, пошумување на ерозивни предели, пренамена на дел од земјоделското земјиште кое е на планински падини во пасишта. Реално, во моментов ниту едно од овие не се спроведува. Напротив, насекаде околу нас го гледаме спротивното.

Оттука, долгорочно добра инвестиција секогаш ќе бидат по еден чифт добри гумени чизми, гумен мантил за дожд, лопата, кофа и количка за носење товар. Набавете си, не знаете кога може да затреба, а државата нема вишок. И садете дрва.

Јане Димески e новинар и еколошки активист.

Блогот е изработен во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.