nad-50-luge-ucestvuvaa-na-rabotilnicite-za-sadenje-urbani-gradini.jpg

Урбаните градини се особено важни за градовите во кои луѓето се стремат значително да го зголемат урбаното зеленило. Меѓутоа, урбаните градини не се само дел од урбаното зеленило, туку тоа се простори на кои се засадени градинарски култури кои луѓето можат да ги користат за исхрана.

Повеќе од 50 луѓе ги следеа двете работилници за садење и одржување урбани градини што во петокот и саботата се одржаа во Ботаничката градина во Гази Баба. Учесниците се запознаа со значењето на урбаните градини и начинот на нивно садење, добија препораки за видот на градинарските култури кои можат да ги садат и за дополнителни растенија кои имаат улога во биолошка контрола на штетници во урбаните градини. Потоа учесниците на работилницата сееја семе од повеќе растенија во контејнери за да се направи расаден материјал.

Во рамките на кампањата, ќе бидат направени 10 урбани градини чии сопственици ќе добијат помош од стручњаци за одржување на градините - од засадувањето до собирање на плодовите. Најпрво, ќе се подготови теренот за засадување и ќе се засадат расадните материјали, потоа ќе се набљудува одржувањето на градинарските култури (прихрана, прскање, плевење, копање, грлење и сл.) и на крајот на вегетациската сезона, откако ќе се соберат плодовите, ќе се подготви теренот за следната година.

Работилниците и садењето на урбаните градини ги реализираат Институтот за биологија, Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Погледнете ги фотографиите од работилниците