informiraj-se-kade-da-frlis-otpad-nastan.jpg

Жителите на Општина Карпош отсега на едно место можат да се информираат каде да го собираат и селектираат отпадот во општината. Информирај се каде да фрлиш отпад“ е подстраница на вебот на општината на која ги има сите информации како граѓаните да постапат со различни видови отпад: шут од реновирање, стар мебел, стара облека, електроника, остатоци од храна и друг органски отпад.

Акцијата произлезе како потреба на граѓаните од средбата која со нив ја имаа претставници од Машинскиот факултет во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај“. На средбата, меѓу другото, граѓаните апелираа за подобро информирање и подобра промоција на телефонски броеви од претпријатија, организации и компании кои можат да им помогнат да се справат со комуналниот отпад. Од Машинскиот факултет на Општината Карпош ѝ предложија повеќе начини за справување со различни видови отпад, како што се одредување центри и локации за собирање на отпадот, градење на мрежа за информирање и соработка со куќните совети, организирање улични и гаражни саеми, поставување компостари и автомати за собирање пластика, стакло и лименки и други активности.

Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.