mediumski-den-za-srednoskolci-posveten-na-zivotnata-sredina-nastani.jpg

Околу 80 средношколци и професори од неколку градови во земјава разговараа со македонскиот претседател Стево Пендаровски за справувањето со предизвиците од климатските промени и заштитата на животната средина. Средбата се одржа како дел од Медиумскиот ден за средношколци, кој Институтот за комуникациски студии го организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Учениците најпрво посетија неколку медиуми во кои разговараа со новинарите како информираат за заштитата на животната средина и климатските промени, а потоа на истата тема имаа интервју со претседателот Пендаровски во вилата „Водно“.

„Секој од нас треба да посвети повеќе внимание во одржувањето на здрава животна средина. Природата одамна не` предупредува дека немаме уште многу време за да ја зачуваме нашата планета Земја. Поддршката од сите нас за младите и за нивните еколошки активности, како и вложувањето во проекти од овој вид, ќе придонесе за поквалитетен живот за сите. Во зајакнување на јавната свест особено значајна улога имаат медиумите и медиумската писменост за важноста на здравата животна средина“, изјави претседателот Пендаровски.

Со поддршка за кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“, додаде тој, се надевам дека ќе придонесам кон подигнување на јавната и свеста на институциите дека државата треба поактивно да се приклучи во глобалната борба за намалувањето на опасностите од климатските промени. 

Погледнете го целосното обраќање на претседателот Пендаровски

На средбата со претседателот Пендаровски учествуваа средношколци од осум гимназии од шест градови: „Орце Николов", „Зеф Љуш Марку“ и „Никола Карев“ од Скопје, „Кочо Рацин“ од Велес, „28 Ноември“ од Дебар, „Добри Даскалов“ од Кавадарци, „Мирче Ацев“ од Прилеп и „Ванчо Прќе“ од Виница. Интервјуто на средношколците со претседателот Пендаровски, ИКС ќе го објави на неговата специјализирана платформа за медиумска писменост www.medium.edu.mk.

Инаку, Медиумскиот ден за средношколци се организира по петти пат и оваа година на него присуствуваа околу 130 средношколци од 14 училишта од целата држава кои посетија вкупно осум национални и локални медиуми во Скопје, Куманово, Битола и Струмица.