Една битка е изгубена но борбата продолжува рече претседателката на општина Центар Јана Белчева по одлуката на Уставниот суд за времено запирање на мораториумот што го воведе општината за 31 Детален урбанистички план. Белчева говореше на Конференцијата „Во каков град сакаме да живееме“ организирана од Институтот за комуникациски студии и граѓанската организација „Здравје пред профит“ како дел од кампањата „ Не игнорирај! Реагирај!“.

Искра Михајловска од „Здравје пред профит“ напомена дека „погрешните планови влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните“.

„Ако во вашата општина градинката работи во две смени, тоа значи дека плановите не чинат. Ако се мразите со комшијата затоа што ви паркира пред врата, тоа значи дека плановите не чинат. Ако има редици во амбулантите, тоа значи дека со планирањето не е водено сметка за тоа дека можеби треба повеќе градинки, амбуланти и простор за урбано живеење. Општините кога ќе им дојде инвеститор гледаат да издадат дозволи за станови, а при тоа не се води сметка што сè друго е потребно за да се обезбеди квалитетно живеење“, рече Јанковска Михајловска.

За сликовото да се прикаже како би изгледал еден простор доколку се реализираат  урбанистички планови кои беа под мораториум, а кои по одлуката на Уставниот суд се „ослободени„ беа прикажани макети  како би изгледало земјиштето спроти Градскиот трговски центар доколку биде реализиран ДУП-от за Градска четврт Ново Маало 2.

Постојна состојба на земјиштето спроти ГТЦ

Планирана состојба на земјиште спроти ГТЦ

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски ја поздрави одлуката на општина Центар за воведување на мораториумот затоа што со оваа одлука и покрај тоа што „општината беше свесна дека ќе инкасира помалку во општинската каса, одлучил да застане во одбрана на интерес на граѓаните“. Тој се потсети и на долгите судски спорови кои општина Велес ги водеше со државните институции за децениското загадување на градот.

Коцевски најави дека во Велес се подготвуваат нови сообраќајни решенија  во градот во кои на прво место ќе бидат пешаците, велосипедистите, јавниот превоз па автомобилите.

На конференцијата учествуваше и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска која напомена  дека „законите се дизјанирани на начин кој не обезбедува заштита на јавниот интерес„. Во однос на одлуката на Уставниот суд, таа кажа дека Државниот ревизор има задача да утврди и да направи анализа кои се бенефитите за граѓаните од новите ревидирани планови и штетите ако се спроведат постојните урбанистички планови.

Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии, кажа дека целта на оваа кампања е да се даде шанса на Скопје и на животната средина.

Целта на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!” е да се зголеми притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и истовремено да се поттикне и насочи граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој.

Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!” се реализира како дел од проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите”, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.