Изминаа десет години откако студентите и архитектите од „Прва архи бригада“го организираа Првото Архитектонско Востание во знак на протест против изградба на црква на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Организаторите денес велат дека барокот не е единствениот проблем и дека главниот град е жртва на несоодветно урбанистичко планирање и уништување на јавните површини, што придонесува кон зголемување на загадувањето и влошување на квалитетот на живеење.

Групата млади кои на 28 март, 2009 година излегоа на протест беа тепани и брутално избркани од контрапротестантите, а полицијата не ги заштити.

 

Сепак, протестот беше своевидна пресвртница во однос на подигање на свеста на граѓаните дека е потребно да се реагира на погрешните политики на владејачките гарнитури.

zz draganДраган Крстевски – Гаго, еден од организаторите на востанието вели дека тогаш не ни помислувал дека ќе добиеме цел нов „барокен град“.

„Не знам уште колку века треба да поминат за Скопје 2014 да стане мое Скопје. И не знам дали воопшто беше успешен протестот ако успехот е префрлањето на црквата на улица Македонија. Ама барем сфатив дека јас, и уште многу други, имаме една друга идеја за Скопје која не се базира на едно кратко видео без никаков концепт. Сепак премногу ми е драго што во време кога низ сите ходници на факултетот се шушкаше колку оваа „нова“ архитектура што доаѓа е лоша, ние бевме единствени кои јавно го кажавме нашиот став. И тоа не беше само наш став - тоа беше став на повеќето архитекти и на целиот Архитектонски факултет кој што не успеа јавно да каже дека тоа што не учат на предавања и вежби всушност е правилно, а тоа што ќе се гради надвор е неправилно“, вели Крстевски.

Тој додава дека му е мило што протестот отворил јавна дебата за архитектурата на  Скопје.

„Се надевам дека успеавме да едуцираме многу луѓе што е архитектура. Успеавме јавно да разговараме и со градоначалници, и со професори, со архитекти и декани од странство, уредници на европски архитектонски списанија, да организираме изложби на студентски проекти и архитектонски тури низ градот и да ги натераме сите да сфатат дека сите ние сме дел од архитектурата и дека таа ни ги менува животите сакале ние или не. Дека архитектурата е една колективна меморија која несвесно не потсетува на некој простор и време. Мило ми е и што успеавме да дебатираме и со тие кои ни се противеа и сметаа дека Скопје 2014 е тоа што ни треба, зашто добро е да дебатираме за архитектурата и урбанизмот ама и добро е и да се убедиме (со факти) меѓу себе за тоа што е подобро. Како и да е, градот е наш и не вреди да го градиме од конкурси со 2 пристигнати проекти од кој најдобриот освоил второ место“, вели Крстевски.

Тој жали што по 10 години откако прв пат гласно почна да се зборува за архитектурата кај нас (после земјотресот), дојдовме до ниво да сметаме дека барокот е проблемот.  

„Ретко кој ги слушнал нашите предавања дека имаме проблем со урбанизмот, со позицијата на објектите, со уништувањето на јавниот простор и со односот кон значајните архитектонски дела. Дојдовме до момент кога не-барокен проект за ГТЦ требаше да покаже дека се сменил нашиот однос кон ГТЦ. За жал имаме уште многу да изодиме и да покажеме во 3Д дека има добри архитекти кај нас, а не само да зборуваме за тоа. А за среќа имаме многу добри архитекти, само немаме систем кој тоа ќе го види. Можеби ние архитектите треба да почнеме од средување на системот, а не од критикување на архитектурата? Нека биде тоа идеја за нареден тивок и суптилен протест“, вели Крстевски.

Од групата активисти „Во одбрана на Дебар маало“ велат дека 10 години откако студентите беа избркани и тепани, насилството продолжува.

„На нашата општина во последните 10 години и одзедоа неколку паркови врз кои се изградија грди зданија на коишто се смее светската јавност. Се уште се тука. Се уништија стотици дрвја, а на нивно место изникнаа споменици и згради кои се градеа со сомнителни договори и тендери кои ја достигнаа сумата од 700 милион евра. За време на овие 10 години и во нашата населба се уништи и зелена површина, а се изградија, и се уште градат згради без никаков план за урбаниот развој на населбата. На ќошот спроти Соборна изгубивме паркче врз кое сега се наоѓа повеќекатница, а згради се изградија и во споредните улички. Да не ги заборавиме и дрвјата на Илинденска и Свети Климент. Ова се само неколку примери. Тротоарите со уште поголема жештина се запоседнаа од угостителите“, велат од здружението.

Оттаму укажуваат дека кај Старата железничка станица се гради џиновски трговски центар на отуѓено државно земјиште кое требаше да биде парк.

„За зголемениот број возила кои ќе гравитираат кон него како и дивоградбите на Панорама се планира вијадукт кој ќе минува низ нашата населба. Високи владини функционери (некои од нив не беа ни на пратеничките листи) се ставија во одбрана на градежната мафија и ветуваат големи профити за градежната мафија по влезот на земјата во ЕУ. Но реалноста е дека младите го напуштаат градот не само поради невработеноста и нискиот квалитет на образованието туку и поради загадениот воздух. На градот секоја година му се случува катастрофа еквивалентна на земјотресот во 1963. Речиси 2.000 скопјани умираат од загадениот воздух. И по 10 години со овој град и населба управуваат неколкумина кои ја исцртуваат неговата небиднина. Демократијата ја гледаме само на едно парче хартија секои 4 години, а уставот и законите кои предвидуваат здрава урбана животна средина постојано се кршат“, додаваат од здружението.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Видео и фото: Прва архи бригада