Шест години по ред во општина Карпош се случува градежна експанзија. На терен се забележува изградба на нови објекти за домување, надградување на постојни објекти, бараки што стануваат неколкукатни згради, деловни објекти. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот од јануари 2013 година до декември 2018 година издадени се вкупно 717 одобренија за изградба во Карпош на секаков вид објекти од високоградба, нискоградба и реконструкција. Тоа значи дека во анализираниот период на секои три дена се издавало по едно одобрение за изградба. За овие шест години во градбите за домување предвидено е да се изградат 4.058 стана.

 

Активистите за заштита на животната средина и карпошани многупати преку протести и иницијативи до институциите бараа да запре неконтролираната урбанизација на општината, да се заштитат зелените површини и да се создадат нови. Новото раководство на општината, пак, вети плански и одговорен развој на Карпош.

И во моментов се активни неколку градилишта во Карпош. Еден од поновите објекти е зградата на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на пожарната станица. Дозволата за градба е издадена во ноември минатата година, а на терен градбата веќе напредува.

„Одобрение за градба од 19 ноември минатата година, на инвеститорите Друштво за трговија ‘СМС ШОПС’ Дооел Скопје и Наџи Шабан од Скопје, за градење на објект А2: Домување во станбени згради со деловен простор од II категорија“, стои на таблата до градилиштето.

Според геодетскиот елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште, сосопственици на земјиштето се Друштво за трговија ‘СМС ШОПС’ Дооел Скопје, Наџи Шабан од Скопје и Георге Пасков од Мокрино“, велат од општина Карпош.

Маркицата за овој објект е впишана во Деталниот урбанистички план донесен на 3 март 2017 година, од претходното раководство на општината на чие чело беше Стевче Јакимовски. Во него се предвидува:

Број на парцела: 20.3
Површина на градежна парцела: 1.461 м2
Површина под парцела: 888 м2
Вкупно изградена површина: 7.104 м2
Максимална висина на градба: 22,20
Број на катови: П+6+Пк

Станарите од старата зграда во близина на овој објект, повеќе нема да го имаат истиот поглед на Водно или пак истото осончување во текот на денот, но од општината велат дека се разговарало со нив и дека се свесни за причината на проблемот, односно дека тој настанал претходно кога се подготвувал конкретниот ДУП.

Извори од фирмата што се јавува како инвеститор на објектот за МКД.мк велат дека парцелата ја купиле со маркицата што веќе била впишана во Деталниот урбанистички план. Истите извори наведуваат дека ќе ги почитуваат сите услови за хумано живеење и на новите станари и на станарите од околните објекти.

Советникот за урбанизам и просторно планирање на градоначалникот на општината Карпош, Владимир Кироски, вели дека ДУП-от З 09, во кој е предвидена маркицата за овој објект, како и за други, е важечки во моментот, а согласно со него и во рамките на предвидените законски процедури се одвива процесот на издавање дозволи за градба.

„Во случајот со конкретната парцела за која прашувате, ‘штетата’ е направена претходно, кога бил носен предметниот ДУП. Дури и во ситуации кога се отвора можност за измени и дополни во одредени ДУПови (или одредени блокови во рамките на истите), ние сме ограничени во можностите за позначителни промени на урбанистичките парцели, кои се во приватна сопственост“, вели Кироски.

Но и покрај ваквите ограничувачки фактори, ние вложуваме напори одредени урбанистички парцели кои се планирани со одредена намена (на пример „А“ - домување) на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, да бидат пренаменети во зелени површини (парковско зеленило), појаснува Кироски.

„Ваквиот процес веќе се случува во рамките на постапките за изработка на нови регулациски планови за четврт од страна на град Скопје (за плановите укинати од Уставниот Суд), каде и општината во координација со градот ги дава своите предлози и сугестии за намалување на површините за градба и воедно зголемување на зелените површини во Карпош“, вели Кироски.

Тој додава дека и во ваквите ситуации се обидуваат колку што е можно да се поправи дел од направената „штета“.

„Во конкретниот случај, во непосредна близина (на постојниот паркинг кај Веро) согласно со ДУП-от постои маркичка за голем деловен објект, а со измена и дополна само на овој блок (ДУП З 09 Блок 18) и во консултација со сопствениците, истиот објект целосно се отстранува од планот“, вели Кироски.

Професорката по урбанизам од Архитектонскиот факултет, Дивна Пенчиќ, неодамна на конференцијата „Шанса за Скопје - Во каков град сакаме да живееме“ што ја организираа граѓанската иницијатива Здравје пред профит и Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ истакна дека треба да се вршат контроли на тоа што планерите ставаат во ДУПовите бидејќи честопати се случува и кога има забелешки за делови од планот да напишат дека постапиле по забелешките, а всушност не постапиле.

„Не би кажала дека сите планери имаат нечесни побуди. Едноставно и тие немаат време. На еден планер во една фирма им се дадени десет плана за Центар. Па тој не знам што и да е, па уште 50 плана прави за цела Македонија. Ни требаат многу фирми и многу млади луѓе“, изјави Пенчиќ.

Кироски ја констатира и фактичката состојба со надминување на параметрите предвидени во ГУП-от на Град Скопје, во многу од претходно носените ДУП-ови, што е контрадикторно само по себе. Ова особено се однесува на централните урбани делови како во општината Карпош, така и во останатите урбани општини во градот. Но оваа состојба мора да се надмине и во соодветен разумен рок постепено да се менува во правец на запазување пред се на јавниот и заедничкиот интерес на граѓаните и подигнување на квалитативното ниво на урбаното живеење.

Повторно ќе се носат ДУПовите укинати од Уставниот суд, но изменети

Во период кога сè уште е актуелна одлуката на Уставниот суд со која привремено се укина мораториумот за градење на општина Центар, во Карпош се подготвуваат измени на четирите ДУПови за оваа општина, кои уставните судии лани ги укинаа.

Кироски вели дека ДУПовите Тафталиџе 1, Влае 2, Карпош 4 и Карпош 3 се разгледуваат по блокови со цел подобро да се исконтролираат евентуалните неправилности кои ги содржеле претходните планови и да не се провлечат и во новите.

За сега, донесен е само еден ДУП за градска четврт ССИ 03, блок 4, поточно делот на Касарната „Илинден“ што е под Општина Карпош. И во него се предвидува изградба на станбени згради од приземје, пет ката и поткровје, ново училиште, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана. Но при носењето на ДУПот градоначалникот Богоев истакна дека со овој план се реализира идејата за ширење на Карпош кон периферијата.

Но, од граѓанската иницијатива О2, која ги оспори ДУПовите на Уставен, велат дека се запазува законската форма на носењето на нови - се објавуваат анкети, јавни расправи, но суштинско вклучување на граѓаните нема, смета Невена Георгиевска од О2.

„ДУПовите треба да се во интерес првенствено на жителите и нивните желби и потреби, треба да бидат во центарот на целиот процес, заради тоа сметам дека вклучувањето на граѓаните не треба да остане само на ниво на законските рамки туку тоа треба да се направи да биде што е можно посеопфатно. Кога се објавуваат јавните повици, анкетите, па и објаснувањето околу процедурите треба да бидат многу позастапени и повидливи. Кога општината има одредени акции со кои сака да го истакне своето работење, тоа е видливо и по социјалните мрежи и во локалниот гласник, но информации за ДУП, постапки, најави што се предвидува и кога и како граѓаните можат да се вклучат, нема“, вели Георгиевска.

Зголемена бучавост, зголемено загадување дури и во летниот период, прашина од локалните градилишта, тоа е сликата на Карпош последниве години, додава Георгиевска. Затоа најлогично решение за сето она што ни се случува е запирање со неконтролираната изградба на нови станбени единици и на сметка на тоа, секој слободен простор треба да се пренамени во зеленило и паркови и во планирањето и уредувањето да се вклучат стручни лица кои ќе ги почитуваат желбите на граѓаните, а не на профитот, појаснува Георгиевска како може да се реши урбанистичкиот хаос.

Иницијативата О2 уште при оспорувањето на ДУПовите бараше и мораториум за уште 29 други плана и нивна целосна ревизија, барање што беше одбиено од сите институции со образложение дека не постои правна основа за такво нешто.

Сепак, советникот во Советот на Општина Карпош од редовите на Левица, Бранко Ристов, и понатаму смета дека треба да се изврши ревизија на сите спорни планови. Големи проблеми, каков што е непланското градење, бараат непопуларни решенија, вели Ристов.

„Сè што е внесено во ДУП, доколку постои силна волја, може да биде променето. Јас и понатаму апелирам дека е потребно преиспитување на сите ДУПови и на сите издадени дозволи за градба“, вели Ристов.

Иницијативата за повторно разгледување на ДУПовите и мораториум опфаќала планови од 29.9.2011 година, до планот кој го споменавме од март 2017 година. За сите планови се бара преиспитување бидејќи општината иако имала обврска за ниту еден од ДУПовите јавно не објавила стратегиска оценка за влијанието врз животната средина и врз здравјето на луѓето што е законска обврска.

Кога четирите ревидирани ДУПови повторно ќе се најдат пред советниците Ристов вели дека не е запознаен затоа што материјалите се доставуваат неколку недели пред одржувањето на седницата.

Зајакнување на критериумите за урбанистичкото планирање

Процесот на прекумерна урбанизација, вели Кироски, за жал е последица на тоа што локалните самоуправи сè уште се приморани најголемиот дел од средствата во својот буџет да ги обезбедат преку наплатување на комуналната градежна такса (комуналии).

Соочено со фактичката ситуација, новото раководство на општина Карпош, предводено од градоначалникот Стефан Богоев, бара излез, подготвувајќи среднорочна и долгорочна стратегија, која подразбира планска урбанизација на локалната самоуправа, вон нејзините „централни урбани јадра“.

„Се разбира, тоа е генералниот урбанистички пристап, што не значи дека во другите делови на Општината целосно ќе запрат градежните активности. Во секој случај ќе треба внимателно да се земат предвид сите аспекти кои ќе ги задоволат строгите критериуми на урбанистичкото и просторно планирање и само во тие рамки да се воспостави балансот помеѓу процесот на урбанизација и идниот одржлив развој на општината “, вели Кироски.

Mарија Севриева

Фото: Роберт Атанасовски

Со овој текст МКД.мк се приклучува на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!" на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.