Од фотографиите на МКД.мк се гледа колку блиску е фабриката стационирана во дворот на поранешниот хемиски гигант до депониите со линдан. Истражувавме колку се заштитени работничките во овој погон за производство на чевли, италијанска инвестиција, и какви мерки презема работодавецот за безбедноста и здравјето на вработените.

Само 31,9% од испитаниците знаат што е линдан. Најмногу од нив се лица на возраст на 55-64 години (56% се на оваа возраст). 92,5% од овие испитаници тврдат дека линданот претставува закана за нивното здравје и за околината. Ова се резултатите од теренска анкета спроведена од Македонското еколошко друштво (МЕД) во декември минатата година во општините Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба.

Двете депонии со линдан во дворот на поранешниот хемиски гигант ОХИС ќе се отстрануваат со меѓународна помош. Подготовката на тендерот за избор на компанија е во крајна фаза. Како што информираат од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи ПОП-с, се дефинираат финалните критериуми на тендерот, по што ќе биде испратен до Oрганизацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) како одговорна за негово објавување.

И 48,6 % од испитаниците од анкетата на МЕД слушнале дека постои ваква иницијатива. Дури 72,4% од нив сметаат дека тоа ќе влијае позитивно за нивното здравје и за околината, а речиси сите сакаат да бидат информирани за процесот на отстранување на линданот.

Како се заштитуваат вработените во фирмите во кругот на поранешниот хемиски гигант?

Ние истражувавме колку се запознаени луѓето што работат во кругот на фабриката ОХИС и дали нивните работодавци ги заштитуваат од штетните влијанија на линданот, кои се манифестираат преку воздухот, почвата и водата.

Од фотографиите на МКД.мк се гледа колку блиску е погонот на ТреЗета до депонијата од линдан. Вработените во фабриката времето за пауза го користат во близина на депонираниот линдан.

Според добро упатени извори на МКД.мк, надлежните институции што ја координираат работата за чистење на депониите разговарале со сопственикот на ОХИС уште од моментот на продажбата. Тој е запознаен дека станува збор за висококонтаминирано подрачје и изразил согласност дека ќе ги дислоцира вработените во неколку фирми во други погони, а на властите ќе им овозможи непречен пристап за санирање на депониите, велат нашите извори.

Ние се обидовме да стапиме во контакт со одговорното лице на ТреЗета, италијанска фабрика за производство на чевли. Но и покрај инсистирањето, од таму добивме одговор дека не сакаат да го коментираат случајот со линданот и дали и на кој начин тие ги заштитуваат своите вработени.

Државниот инспекторат на труд извршил надзор

Потрагата по одговори дали вработените се заштитени нè одведе до Државниот инспекторат за труд, кој има надлежност да врши инспекциски надзор. Главната инспекторка – раководителка на одделението за инспекциски надзор од областа безбедност и здравје при работа, Слаѓана Андоновска, нè информираше дека извршила вонреден надзор овој месец.

Констатирани се неколку пропусти, за кои издадов решение за нивно отстранување. Меѓу нив, издадов решение и за спроведување на мерење микроклима во работните простории каде што се одвива технолошкиот процес, од страна на овластен правен субјект за вршење стручни работи за безбедност при работа и да изврши испитување на хемиски штетности“, вели инспекторката Андоновска.

Фабриката има две недели да ги отстрани овие недостатоци по кои инспекторатот треба повторно да изврши контролен надзор и доколку не е постапено согласно со решението, да изрече и санкција.

Работниците мора да бидат заштитени вели професорката Стикова

Во Анализата за процена на здравствениот ризик направена врз основа на последните испитувања на контаминацијата со линдан во кругот на фабриката ОХИС, е наведено дека најблиските погони до депониите, како оној на ТреЗета, се со најголем ризик од изложеност на канцерогениот елемент.

Професорката Елисавета Стикова од Институтот за јавно здравје - Одделение за медицина на труд и процена на здравствени ризици како истражувач дошла до сознанија дека освен лицата што се грижат за одржување и обезбедување на објектот на ОХИС, во комплексот има лоцирано и други производствени погони. Таа додава дека е изненадена од ова сознание, но верува дека за тие работници се преземаат активностите дефинирани со Законот за безбедност и здравје на работа и тоа од процена на ризикот на работното место, следење на концентрацијата на штетните агенси на кои работниците се изложени во текот на својата работа (физички, хемиски, биолошки, психосоцијални), редовни контроли на здравјето и работната способност преку претходни, периодични или систематски прегледи, како и нивна обука и тренинг за справување со актуелните професионални ризици на нивните работни места.

Верувам дека работодавците, во согласност со своите законски обврски, имаат преземено сѐ за минимизирање и/или елиминирање на професионалните ризици, вклучувајќи го и оној од изложеноста на линдан, а сè со цел да овозможат здрави и безбедни услови на работа што нема да имаат негативно влијание врз здравјето и работната способност на професионално експонираните работници. Истовремено, сакам да ја изразам својата подготвеност, доколку е тоа потребно, како експерт или консултант да се вклучам во сегашните или идни активности што имаат за цел унапредување на здравјето на овие работници“, вели професорката.

Обврските на работодавецот се многу јасно дефинирани во Законот за безбедност и здравје на работа. Тој е должен да обезбеди услови за работа што нема негативно да влијаат врз здравјето и работната способност на работниците. Работодавецот треба да обезбеди сигурност дека на работните места не постои зголемен ризик, дека концентрациите на линдан и на другите хемиски агенси, како и времето на изложеност не ги надминуваат пропишаните максимално дозволени концентрации во работната средина и дека во биолошкиот материјал кај изложените работници (најчесто крв и урина) нема концентрации на хемиските супстанции и/или нивните метаболити што би ги надминувале дозволените биолошки вредности на изложеност, вели професорката Стикова.

Постојат законски и техничко-технолошки и медицински мерки за да се постигне сето ова. Секако, постојат ефикасни системи за вентилација и отпрашување, современи, специфични и сензитивни аналитички методи за потврдување на контаминацијата и медицински постапки за утврдување на маркерите на изложеност и на ефектите. Критериумите се само едни, тие се утврдени со закон и соодветни правилници, а гарантираат безбедност и здравје на професионално експонираните работници. Доколку работодавецот не може да ги постигне овие критериуми, тогаш во рамките на хиерархијата на ризикот, постои законска обврска производствениот процес да се прекине, сè до обезбедувањето на тие критериуми. Во таа смисла и дислокацијата на производствените погони не е опција што не треба да се разгледува доколку е тоа прифатливо за работодавецот. Но тоа за што не се разговара е исполнување на законските обврски за заштита и унапредување на здравјето кај професионално изложените работници“, вели професорката.

Можната појава на негативни ефекти и болести зависи од физичко-хемиските карактеристики на хемиските супстанции, вклучително и на линданот, нивните концентрации и времето на изложеност, патиштата на изложеност, начинот на навлегување во човековото тело и можноста за апсорпција во човековиот организам и тоа преку дишните патишта, преку системот за исхрана или преку неоштетена кожа, појаснува Стикова. Можните штетни ефекти секако зависат и од полот, возраста и индивидуалните карактеристики, како и специфичната чувствителност на изложените лица или на одредени популациони групи од населението.

Линданот се произведувал во ОХИС од 1964 до 1977 година. Линданот е забранет за употреба во 52 земји, строго ограничен во 33 земји, не е регистриран во 10 земји, додека во 17 земји е регистриран за употреба. Ова соединение на светско ниво во 2004 година е идентификувано како неразградлив органски загадувач, со стапувањето во сила на Стокхолмската конвенција. По неговата забрана за употреба како инсектицид во земјоделството тој неправилно бил складиран во дворот на ОХИС и во месноста Пеленица над Драчево. Се претпоставува дека во депониите во ОХИС има 30 илјади тони од опасниот отпад на линдан.

(Продолжува)

Марија Севриева

Фото: Роберт Атанасовски

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.