Од Водно сега се гледаат градскиот асфалт и фасади, наместо смог и густа магла. Загаден воздух нема се до следното палење на печките во домовите.
Се троши времето на Владата за реализацијата на мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
По седум месеци се очекува да заживее првиот владин проект во борбата против отровниот воздух. Студентскиот дом „Кузман“ треба да добие парно, наместо дотраена печка на дизел којашто годишно согоруваше 240 тони мазут.
Според најавите, цевките ќе се поврзат најдоцна до септември, а инвестицијата ќе чини едвај четириесетина илјади евра. На половина од буџетската година, Владата досега нема потрошено ниту еден денар за планираните проекти.
„Иако се работи само за два милиони евра, сепак се тоа првпат алоцирани средства на коишто верувам брзо ќе ја видиме реализацијата. Проектите се готови за студентскиот дом „Кузман“ бидејќи настана една малку поголема акција таму – не само од топлинскиот систем туку и топлата вода, ќе се промени начинот на којшто сега функционира за да се обезбеди дополнителна заштита“ кажа Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.
Скопје и Битола се помеѓу градовите коишто се најдоа на листите на најзагадени градови во Европа, а не само во земјава. Од Општина Битола во овој момент субвенционираат поеколошки начини на греење.
„Ставката во годишната програма за заштита на животната средина за 2019-та година изнесува 3.000.000 денари. Во тек на реализација се 500.000 денари предвидени за субвенционирање на печки на пелети.“ соопштија од Општина Битола.
Фокусот на скопскиот градоначалник досега бил на субвенции за велосипеди и тротинети.
Од Град Скопје очекуваат во следниот период да го преземат топловодниот систем. Ветуваат дека ќе креираат социјална политика за евтино приклучување на граѓаните.
„Завршивме со велосипедите, утре на Совет на Градот ќе ја зголемиме дотацијата на велосипедите. Како алтернативен начин на сообраќај се објавува конкурсот за електрични тротинети“ на 10 јуни кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Додека едните се фалат со буџет и субвенции, други ја следат ситуацијата и ги оценуваат и критикуваат политиките и програмите. Активистите самите ги лоцирале проблемите.
„Да се врати Скопје на оној колосек каде што урбаното планирање треба да биде приоритет, каде што мерка на се повторно би бил човекот. Во моментов кај нас се проектира буквално за автомобили – приоритет се паркинг места, приоритет е ширењето на улиците, формирање на нови булевари, отварање на нови сообраќајници.“ кажа Андреа Јанков, екологист од „Го Сакам Водно“.
Според професорите од Институтот за хемија, загадувачи се обичните луѓе подеднакво колку што се и индустриските капацитети.
Велат, многу години ни се потребни за да се справиме со таков проблем кој се создавал со децении наназад.
„Елиминирање на користењето на дрвата и јагленот како средства за загревање. Елиминирање исто така и на мазутот, воспоставување на системи за пречистување на отпадните гасови во големите системи, покрај топланите тука се и индустриските објекти итн. Сообраќајот ни е исто така извор на загадувањето на воздухот. Ние за жал не го решаваме во однос на подобрување на состојбата на возниот парк.“ кажа Трајче Стафилов, професор на Институтот за хемија при ПМФ.
Секој човек преку својот мобилен телефон може во секое време да провери каков воздух дише преку податоците на мерните станици.
„Ова е мерната станица за мерење на квалитетот на воздухот поставена кај Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Таа функционира, но има голем број вакви коишто не се во функција и се дотраени па потребна е нивна замена. Професорите критикуваат дека парите коишто државата ги одвои за справување со загадувањето на воздухот се доволни само за да се поправат или да се заменат мерните станици коишто се веќе дотраени или не се во функција.“
Експертите од Светската здравствена организација анализирале колку загадениот воздух штети на здравјето на луѓето. Запишале црни статистики. Околу седум милиони смртни случаи годишно во светот се последица на изложеност на загаден воздух. Повеќе од 1000 такви случаи се во нашата земја.
Петар Догов