Општото ниво на свест за животната средина и за проблемите со отпадот во Македонија е ниско, всушност, луѓето не се свесни за проблемите кои резултираат од несоодветното управување со отпадот и за негативните ефекти врз нивното здравје и врз животната средина и природата. Повеќето од луѓето немаат свесност за нивната сопствена одговорност и улога како создавачи на отпад.

Сегашната состојба со управувањето со отпадот во Македонија може да се каже дека е супстандардна во поглед на човечките и финансиските ресурси, а сето тоа резултира со негативни ефекти врз животната средина и врз здравјето на луѓето.

Selekcija-na-bio-otpad
Управувањето со отпадот е еден од најсериозните еколошки проблеми во Македонија. Постојните постројки и капацитети за отстранување на отпадот се несоодветни, а практиката на управување со отпадот придонесува кон загадувањето на воздухот, на водните ресурси и на земјиштето, како и кон ризиците за биодиверзитетот, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето. Речиси единствениот метод за отстранување на отпадот е депонирањето на депонии, а само дел од опасниот отпад од здравствените институции и одредени течни опасни отпадоци се спалуваат, односно се согоруваат. Со депонирањето на отпадот ем природата се уништува, ем пари не се земаат.

СЕ ПОДГОТВУВА НОВ ЗАКОН

За подобро решавање и надминување на овој проблем во Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува нов Закон за управување со отпадот.

Главна цел која треба да се постигне со новиот Закон за управување со отпад, според Министерсвото за животна средина и просторно планирање е дека со донесувањето на нов закон за управување со отпад ќе се овозможи воспоставување на функционален систем за регионално управување со отпад и изградба на регионални депонии, а истовремено ќе се затворат сите нестандардни депонии и ѓубришта. Воедно, ќе се овозможи регионално собирање, транспорт, селектирање, рециклирање на отпад, како и третман и искористување, со што ќе се зголеми степенот на заштита на здравјето на луѓето и заштита на животната средина, а сето тоа ќе биде чекор напред кон овозможување на циркуларна економија за овој сектор.

prerabotka na staklo
„Воспоставувањето на регионално управување со отпад ќе овозможи подобра контрола врз животната средина од активностите во областа на управувањето со отпадот преку намалување на депонирањето, односно намалени количини на отстранет отпад, а зголемување на преработката и рециклирањето на отпадот, намалување на нелегално депонирање, кое покрај заштитата на животната средина ќе доведе до зголемување и на приходите, зголемување на вработеноста во индустријата за отпад и обезбедување на поврзан пораст на приходите што ќе придонесат за зголемување на бруто-домашниот производ, развивање на циркуларна економија со што ќе се овозможи поголема искористенот на ресурсите, а самото тоа ќе доведе и до економски развој, апроксимација на националното со европското законодавство во областа на управувањето со отпадот“, информираат од МЖСПП.

deponija
Оттаму велат дека управувањето со посебните текови на отпад се уредува со Законот за пакување и отпад од пакување, Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпад од електрична и електронска опрема, како и Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори. „Со досегашниот Закон за управување со отпад се утврди рамката за воспоставување на инфраструктура за управување со отпад, која претежно се заснова на преземање на активности од единиците на локалната самоуправа. Резултатите од неговото спроведување покажаа слабости и недоречености во случаи кога не постојат доволно капацитети на локалната самоуправа во изнаоѓање на средства за изградба на нова инфраструктура за отпад, како и во неможноста да се обезбеди меѓусебна координација меѓу сите засегнати страни. Дополнително, од досегашното искуство се покажа дека за развивање на инфраструктура за отпад се потребни големи финансиски средства за чие обезбедување е неопходно да постои јасно и прецизно дефинирање на надлежностите и обврските помеѓу централната и локалната власт“, наведуваат од МЖСПП.

Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП вели дека новина во Законот е и тоа што се воспоставува термин секундарна суровина, што е во насока на спроведувањето на Стратегијата за циркуларна економија на ЕУ. „Што всушност значи секундарна суровина? Тоа е за некого отпад, за некого суровина и со новиот закон воспоставуваме обврска кај нас во Министерството за животна средина и просторно планирање да направиме регистар на секундарни суровини. Значи онаа индустрија или друг вид на создавач на отпад што ќе пријави дека тој отпад може да го отстапи на користење на друг субјект за кого тоа е суровина ќе направи барање, ние ќе провериме дали тоа може да се случи, значи таа секундарна суровина без проблеми во животната средина да се преработи во друг капацитет и на некој начин да поттикнеме промет, па дури и трговија, така што некој материјал што бил фрлен сега да се врати во процесите“, објаснува Петровска.

regionalna deponija
Исто така, додава таа, се подобруваат процесите за добивање на потврда или лиценца за управител со отпад и оператор со отпад. „Значи воспоставуваме едно ново звање оператор со отпад којшто е лице што ќе управува утре со регионалните депонии. Тоа е нова квалификација, тука треба нови вештини и за да може кога ќе се изгради регионална депонија да биде управувана соодветно. За да не ни се случи како во Косово каде беа потрошени многу европски пари, беа направени нови депонии, лошо се одржуваа и тие пак прераснаа во ѓубришта, МЖСПП воспоставува обврска за оператор на депонија и дефинираме кои се потребните стручни квалификации, на каков начин тој ќе треба да го полага испитот за да се стекне со право да биде оператор на депонија. Значи се обидуваме од една страна да ги подобриме регионалните системи коишто уште не се формирани ама сме тргнати натаму. Еве во Источна и Североисточна Македонија генерално ќе финансираме проекти многу бргу, може уште во текот на оваа година, а циркуларната економија која е реално во зачеток затоа што многу малку се рециклира да пробаме да ја пренесеме и во комерцијалниот и во индустрискиот сектор“, нагласува Петровска.

РЕГУЛИРАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

Петровска вели дека како една многу важна новина што се предвидува со новиот Закон е воспоставувањето обврска за регулирање на цената за управување со отпад. „Како што направивме со водите, како што имаме регулирани тарифи за водни услуги, сега ќе имаме регулирана тарифа исто така за управување со отпад сè со цел да се хармонизираат моменталните цени, во секоја општина е различно од едно евро сè до 10 евра. Значи тие големи разлики може да предизвикаат диспаритет кога ќе се воспостави регионалниот систем и да не можат сите општини да ги покријат новите трошоци што се однесуваат на управување со регионалната инфраструктура. Ако се хармонизираат тие цени, за што сме во комуникација со Регулаторната комисија, ќе ја информираме и Владата за оваа потреба, ќе менуваме и други закони, значи регионалниот систем да го заживееме, не само од институционален аспект, туку и во делот на регулирањето на тарифите“, нагласува Петровска.
Новиот Закон за управување со отпад се очекува кон крајот на идниот месец да биде доставен до Владата за разгледување.

kontejneri1
СКОПСКИОТ РЕГИОН СО НАЈМНОГУ КОМУНАЛЕН ОТПАД

Отпадот претставува огромна загуба на ресурси во форма на материјали и енергија. Количеството нa создаден отпад може да се смета како индикатор на нашата ефикасност како општество, особено во однос на употребата на природните ресурси и операциите за третман на отпадот.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Северна Македонија во 2018 година изнесувал 625.386 тони. Споредено со 2017 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2018 година бележи намалување од 1.6 отсто. Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион и тоа 166.029 тони или 26.5 отсто од вкупното собрано количество во Република Северна Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 509.002 тони или 81 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 19 отсто од правни и физички лица (комерцијален отпад). Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад и тоа 535.604 тони или 85.6 отсто, а најмало количество отпад од гума односно 673 тони или 0.1 отсто од вкупното количество собран комунален отпад. Вкупното количество на создаден комунален отпад во Република Северна Македонија во 2018 година изнесува 854.865 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2018 година изнесува 412 килограми по жител, што е за 8.6 отсто повеќе од истото количество во 2017 година. Најголемото количество на собран комунален отпад (99.5 отсто) се исфрла на депонија.

novi kontejneri
ИДНИНАТА Е ВО РЕЦИКЛИРАЊЕТО

Рециклирањето како постапка е она што е иднината на секое општество. Чистата животна средина не значи само собирање на отпадот и негово селектирање. Тоа е само почетниот чекор. Рециклирањето како процес кој има крајна цел максимално одржливо користење на ресурсите и заштита на животната средина и здравјето на луѓето е почнат и во нашата земја од пред неколку години. Но, проблемот е што кај нас многу малку од отпадот што се собира се рециклира. Според некои податоци од Стопанската комора само девет отсто од над 900 илјади тони отпад кој годишно се создава во земјава се рециклира. Останатите количини завршуваат како отпад во депониите и директно ја загадуваат животната средина. Вкупно 116 илјади тони од овој отпад го собираат и го селектираат колективните управувачи со отпад од пакување кое го селектираат и го испраќаат на рециклирање, но постојат и привилегирани компании кои не издвојуваат ништо иако создаваат 45 илјади тони отпад годишно.

Колку отпадот во светот е реална суровинска база, за разлика од кај нас, може да се види и од податокот дека неговата вредност во Европа е 20 пати поголема. Македонските граѓани плаќаат по 0,45 евра за тон селектиран и собран отпад што е најниска цена во Европа. И во соседството цената е повисока. На пример, во Бугарија се плаќа пет евра по тон, а во Германија цената на отпадот е 10 евра по тон.

Со овој прилог, Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.