На прагот на зимската сезона повторно се прашуваме што ќе дишеме, особено ако живееме во главниот или некои од поголемите градови во земјава. „Осудени“ на најзагаден воздух, жителите на скопските општини Аеродром и Ново Лисиче и претстојнава сезона ќе ги полнат белите дробови со воздух преполн со ПМ-честички.

Иако сликата наутро во овој дел на главниот град вели дека сообраќајот не ја достигнува точката на кулминација и дека расте трендот на велосипеди и електрични тротинети, сепак прашањето за загадувањето од транспортните средства е неминовен дел од големата и за жал очајна слика на аерозагадувањето во земјава, но и на глобално ниво.

Транспортниот сектор прогресивно стигна на врвот на агендата за ублажување на климатските промени во Европа, и тоа со право, сметаат дел од експертите.

Возилата загадуваат „ДОВОЛНО“?!

„Изворот на проблемот е совршено јасен, доколку се оценува од аспект на експертиза, искуство и најважното, актуелни сознанија. Загадувањето во Македонија ескалира од почетокот на деценијата, кога почнува масовен увоз на користени автомобили со лош квалитет на издувни гасови, кои во западноевропските држави имаат ниска пазарна вредност, поради тоа што за нивна регистрација и користење се предвидуваат скапи такси и давачки“, вели Дарко Јаконов, долгогодишен познавач на автомобилизмот и загадувањето.

„Прашање до 'експертите' - зошто за време на новогодишните и божиќните празници, секоја година има драстично намалување на загаденоста? Заради печките што „не работат“ во домовите, или поради тоа што автомобилите повеќе мируваат во тие денови?“, децидно прашува овој експерт.

Во земјава има повеќе од 400 илјади регистрирани автомобили со просечна старост од 18,7 години. Од нив над 80% се постари од десет години, а речиси половината користат дизелски погон.

Со олеснувањето на процедурите за увоз на стари возила, државата ја претворивме во депонија од автомобили што не ги задоволуваат основните стандарди за зачувување на животната средина. Во тој контекст, владините предложени мерки за обележување на возилата со боја на налепници звучи како пародија, доколку имаме предвид дека буквално сите возила поминуваат технички преглед и добиваат дозвола за возење, без проверка на емисиите на издувните гасови (некои од возилата воопшто немаат катализатори)“, вели Билјана Матевска, проектна координаторка од Центарот за еколошка демократија Флорозон.

Матевска смета дека имајќи ја предвид состојбата со загадувањето на воздухот во неколку градови во државата, можеме да се „пофалиме“ дека сме лидери во светски рамки.

„Имено, целата политика околу уредувањето на булеварите и улиците е во насока на олеснување на движењето на моторните возила. Во изминатите десетина години посведочивме масовно уништување на зелените површини вдолж главните булевари, со цел нивно проширување за поголема и полесна фреквенција на моторните возила“, појаснува Матевска од „Флорозон“.

Отпадот завршува кај нас – виновен е економскиот стандард!

Транспортниот сектор во Македонија учествува со 10% во вкупните емисии на стакленички гасови. Според Националната стратегија за развој на енергетиката до 2030, се 260 возила на 1.000 жители ќе имаме до 2020 година, а до 400 возила на 1.000 жители ќе имаме до 2030-та година.

Според Анализата за ублажување на климатските промени во секторот на електрична енергија, потрошувачката на дизел ќе се зголеми за речиси 190 отсто до 2050 година, главно како резултат на зголемениот број возила и потрошувачка на нафтени производи. А тоа значи, пак, дека емисијата на CO2 од транспортот ќе се зголеми за повеќе од 100%.

Факт е дека овие анализи не ни се благонаклонети во однос на актуелниот проблем со аерозагадувањето. Затоа се наметнува тезата - возилата со кои ќе се зголемува возниот парк да бидат што помалку штетни за животната средина. Како кога тоа се коси со економскиот стандард во земјава?! Дали првин државата треба да поработи на кревањето на куповната моќ на граѓаните?

„Во Македонија не постои еколошки аспект при увозот на автомобили. Отпад се довезува од ЕУ, а воедно Унијата се ослободува од потребата да ги претопува старите автомобили, а тука тие возила можат да се регистрираат и користат без какви било ограничувања или свест за влијанието врз животната средина“, смета Јаконов.

„Социјалната страна, која направи увозот на стари автомобили со слаб квалитет на издувни гасови да биде 'неповредлив', искористена е од сите владејачки гарнитури досега како перфиден популистички механизам, којшто на народот лажно му посредува чувство на луксуз и животно достигнување. Место да возиме подостапни и понови автомобили, со квалитетен издув, нашиот возен парк се претвори во смртилиште на автомобили, кои тука се довезуваат да се возат година или две, и потоа завршуваат на отпад. И процедурата продолжува, загадувањето расте“, вели Јаконов.

Меѓутоа нискиот стандард може да биде „прогресивен“ и луѓето да се преориентираат кон алтернативните транспортни средства.

„Нискиот стандард ги принудува граѓаните да набавуваат застарени автомобили, но тоа не ги ограничува да користат алтернативни транспортни средства (велосипеди, тротинети). Во тој контекст, за пофалба се напорите на надлежните, особено при промоција на користењето велосипедски патеки, но сепак потфрлаат при контрола и соодветни санкциски мерки за сите што ја нарушуваат безбедноста на велосипедистите.

Неофицијално истражување спроведено од ЦЕД Флорозон, покажува дека голем број од граѓаните не ги користат велосипедите како превозни средства, бидејќи постои страв по нивната безбедност. Скопје – вело град е идеално решение за редуцирање на загадувањето предизвикано од моторните возила, а подигнувањето на јавната свест е од исклучително значење за постигнување повисоки општествени цели“, вели Матевска од Флорозон.

Евтини автомобили – скапо платени со здравјето!

Европската алијанса за јавно здравје има направено студија за влијанието и трошоците предизвикани од емисиите од дизел возилата. Во студијата се вели дека во рамките на ЕУ има 390.000 прерани смртни случаи, кои се резултат на загадувањето на воздухот. Трошоците кои се однесуваат на проблемот со загадувањето на воздухот, предизвикан од транспортните средства е меѓу 67 - 80 билиони евра во рамките на ЕУ.

Загадувањето на воздухот нема негативно влијание само врз здравјето на луѓето, туку има директно штетно влијание врз екосистемите и целокупниот биодиверзитет.

Само една анализа за рекордното аерозагадување

Додека од ЦЕД Флорозон како невладин фактор велат дека континуирано делуваат при подигнувањето на свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина и вршат мониторинг на степенот на имплементација на воспоставените регулативи и стратегии за редуцирање на загадувањето на животната средина или со еден збор со сите напори и ресурси се залагаат за остварување на правото за здрава животна средина, како уставно загарантирано право на сите граѓани на Македонија, Јаконов укажува на недоволните анализи за потеклото и природата на изворите на загадување на воздухот.

„Како е можно во земја што има срамотно рекордна загаденост на воздухот, да постои само една студија којашто се занимава со потеклото и природата на изворите на загадување, „финската“, којашто воедно им дава совршено алиби на надлежните органи да не преземаат ништо, односно да воведат нови механизми за постигнување финансиска корист од проблемот со загаденоста.

Додека не се измерат и утврдат трајни и драстични подобрувања во квалитетот на амбиенталниот воздух во македонските градови, сите размислувања, убедувања и замисли коишто во јавноста се пласираат како студии, стратегии или истражувања, немаат кредибилитет, се нерелевантни и се погрешно засновани. Не постои основа јавноста да верува во компетентноста на личностите што се поставени да решаваат околу посочувањето на реалните извори на загадувањето и трајно и одржливо надминување на проблемите со истото“, потенцира Јаконов.

Во студијата „Потенцијал за ублажување на климатските промени во транспортниот сектор во Македонија“ се вели дека ублажувањето на климатските промени може да се постигне со подобрување на возниот парк, особено за јавниот транспорт, воведување нискојаглеродни горива и напредна опрема за возила, поголема употреба на велосипеди, воведување на трамвај во Скопје, поголема употреба на железницата за патување помеѓу градовите... Но, во меѓувреме, како по правило, ретко кој се откажува од својот половен нееколошки автомобил, скапо платен со здравјето, не само сопствено, туку и на идните генерации, но достапен за нашиот „џеб“ затоа што така налага економската состојба во земјава.

Христина Николовска

(Со овој прилог, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје)

Текстот е првично објавен ТУКА.