Скопје веќе години наназад се соочува со хроничниот проблем на аерозагадувањето. И периодов, на прагот на зимската сезона, прогнозите се песимистички.

Невообичаено топлото време за овој период од годината како последица на климатските промени делумно придонесува за ПМ честичките одново и одново, со посилен интензитет да се навраќаат во нашата атмосфера. Социјалните мрежи „вријат“ од апели и пораки надлежните да ги мобилизираат сите расположливи ресурси и „да го одврзат кесето“ за справување со отровната тортура.

Во Македонија сѐ уште нема развиена свест за ранливоста на земјата во однос на опасностите што ги носат климатските промени, кои ни се случуваат пред очи, за што најдобро говори податокот дека од 1987 година наваму речиси секоја година се евидентирани топлотни бранови, што не било случај претходно. Според сите сценарија, во наредните педесетина години не очекуваат потопли лета и помалку врнежи.

„Ќе биде загадено како и претходните години, колку - најмногу зависи од временските прилики. Ако имаме среќа како претходните две години да имаме повеќе ветровити денови, да немаме магла, температурни инверзии, може и нема да достигнеме четирицифрени вредности или повеќедневен континуитет од алармантни вредности“, велат од Иницијативата за чист воздух О2.

Со слични прогнози и од Центарот за еколошка деморатија Флорозон.

„Со оглед на степенот на спроведени заложби од националниот план за чист воздух, прогнозите се дека и оваа зима населението во Скопје ќе биде изложено на исклучително загаден воздух. Ефектите од загадувањето ќе ги почувствуваат сите жители на градот, а посебно регионите каде поради микроклиматските услови и узурпацијата на јавниот простор е оневозможено природно струење на воздухот“, вели Кирил Ристовски од Флорозон.

Од невладината Екологик се надополнуваат на овие прогнози.

„Со оглед на фактот дека сериозни мерки и активности не се преземени од страна на локалните власти претпоставувам дека состојбата ќе биде слична како и претходните години. Почнувајќи од минималната сума, која државата ја одвои за вака сериозен проблем, па сѐ до преземање на реални активности на терен“, вели Никола Нешкоски, директор на Екологик.

Мониторинг за да се знае каде што загадува

Невладиниот сектор укажува на проблемот со немерењето на аерозагадувањето поради што нема комплетна слика за концентрацијата на ПМ честичките во поединечни општини во главниот град.

Од О2 појаснуваат дека за да се знае точно кои општини се најзагадени треба да имаме подеднакво мерење во сите од нив, но нема.

„На пример ПМ2,5 честичките се мерат само во Центар и Карпош и од крајот на минатиот месец има мобилна мерна станица во Ѓорче Петров. Според овие податоци Карпош предначи во однос на овој полутант, иако е тоа позадинска станица, но тоа не значи дека Лисиче е помалку загадено или Гази Баба, само што таму немаме мерни станици кои се сметаат за релевантни. Од она што го покажуваат и други мерни инструменти, доколку ги има во поголем број, може да се согледа загадувањето во одредени делови од општините каде нема соодветни мерни инструменти на МЖСПП, бидејќи овие уреди колку и да се аматерски го следат трендот. Аеродром, Гази Баба, Карпош се на врвот, но немаме податоци за Сарај, Шуто Оризари, Чаир, и многу малку за Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел“, велат од О2.

Бидејќи нема мониторинг не може да се знаат ниту вистинските загадувачи.

„Со оглед на отсуството на сеопфатен континуиран мониторинг врз емисиите во воздухот, не може со прецизност да се утврдат вистинските загадувачи, но сепак, индустријата, домаќинствата (поточно начинот на нивното загревање), дел од јавните институции, транспортот и градежниот сектор имаат подеднаков удел во целокупната состојба со животната средина. Во таа насока, неопходно е постоечката мониторнинг мрежа да се прошири кон периферните делови на градот, но и да се дисперзира и во погусто населените места со цел да се согледаат вистинските извори на загадувањето, па на основа на прецизно добиените информации да се градат политиките и решенијата за справување со овој проблем. Од друга страна, инспекциските служби е потребно да бидат почесто присутни на терен и пофренкфентно да ја користат можноста за вонреден инспекциски надзор, и кај големите и кај малите загадувачи, а владата да ја разгледа можноста за воведување на задолжителен финансиски механизам преку кој ќе се канализираат сите приливи по основ на еколошки давачки и такси и ќе се овозможи целисходно спроведување на мерките од Планот за чист воздух“, вели Ристовски од Флорозон.

„Секоја општина има своја специфика во однос на изворите на загадување и нивниот удел, некаде индустријата е главна, некаде начинот на греење (тука не мислиме само на домаќинствата, туку на сите државни и приватни објекти, од болници, училишта, разни институции, фирми, итн), некаде палењето на отпад, сообраќајот, градежништвото, сите имаат удел“, велат од О2.

Надлежните со „козметички“ мерки кои се ПР и „мачкање очи“

Од невладиниот сектор порачуваат дека и покрај нивните гласни апели за неопходни итни мерки за поригорозно и паралелно делување на сите извори на загадувањето, надлежните не се занимаваат за суштинско решение кое ќе даде резултати и кое ќе понуди гаранции.

„Реакциите на надлежните многу пати досега ги критикувавме. Нема соодветна реакција за да има некое видливо подобрување, со оглед на многу активности кои не се преземаат (недоволно мерење и казнување, намалување на висината на казните во поглед на прекршоците во однос на животна средина, најчесто непознат сторител, градежништво, неисклучување на возила кои видливо загадуваат..), може да очекуваме и влошување. Мерките, што се преземаат се повеќе ПР и мачкање очи“, велат од Иницијативата О2.

Од Флорозон велат дека постои од неадекватно буџетирање т.е отсуство на финансиски механизми за инвестиции во овој проблем, па сѐ до политичката волја за изнаоѓање на системски решенија.

„Резултатот на ваквата политика се сведува на субвенционирање на грејни тела и други козметички мерки кои се примарно насочени кон митигација, ублажување, а не кон превенција и санација на ефектите од загадувањето“, велат од Флорозон.

„Да се почитуваат законите кои се на хартија, и да се направат конкретни мерки, акцентирајќи ги малите индустриски капцитети и илегални погони, продолжувајќи со несоодветното работење на Дрисла и проверување и регистрирање на гласините за увоз на разни типови на отпад кои се согоруваат кај нас, на разни несоодветни начини“, велат од Екологик.

Христина Николовска

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.