Државата со децении не може да го реши проблемот со закопаниот линдан во фабриката ОХИС, а деновиве јавноста дозна и за два други отрови кои се закана за граѓаните на цело Скопје: винил-хлорид и метил акрилат мономер.

Поранешниот хемиски гигант ОХИС изминатите неколку дена повторно го привлече вниманието на јавноста, по пријавата на вознемирени граѓани кои почувствувале непријатна миризба што се ширела од кругот на фабриката. Штетата беше брзо санирана, но инцидентот ја обелодени заканата од оваа темпирана бомба, која се наоѓа на нецели шест километри од центарот на градот. Во дворот на ОХИС се депонирани голем број на отровни материи кои допрва треба да бидат исчистени, меѓу кои и илјадници тони токсичен линдан. Но линданот е само дел од проблемот. Според надлежните од Инспекторатот за животна средина во кругот на фабриката се наоѓаат околу 400 буриња во кои се запакувани опасни хемикалии - меѓу нив и метил акрилат мономерот кој ги исплаши граѓаните викендов, но и уште поопасниот винил-хлорид.

Еден од ридовите во Охис во кој е закопан линданот

Темпирана бомба

Контаминираната локација ја посетивме едно дождливо пладне, кога испарувањето од земјата го нагласува киселкастиот мирис на линданот. На само неколку десетици метри од споредниот влез на ОХИС се наоѓаат двете депонии кои претставуваат најжешката точка во земјата по загаденост. Иако нивната титула е алармантна, околу депониите нема никаков знак или предупредување дека на само чекор од вас, се закопани огромни количества токсична и канцерогена материја, која испарува во воздухот.

Големата депонија, за која се претпоставува дека е околу 40.000 тони е обиколена со низок бетонски ѕид, над кој се издига голем рид обраснат со исушени треви и грмушки. На прв поглед кон ридот не може ни да се добие слика за колкава површина на земја станува збор. Нејзината големина може да биде забележана само од птичја перспектива, што укажува на сериозноста и размерот на проблемот.

Веднаш спроти бетонскиот ѕид се наоѓа еден помал рид, каде лежи малата депонија. Никакво обележје не открива од каде до каде се протега контаминираната почва, а навидум и двете депонии делуваат безопасно. Стоејќи помеѓу двете најтоксични точки во државата, јасно се слушаат звуците од автомобилите кои минуваат на булеварот „Борис Трајковски“, а минувачите се несвесни дека само неколку метри од нив се наоѓа темпирана бомба.

Почеток на крајот на деценискиот проблем

Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации – УНИДО, минатиот месец распиша меѓународен тендер за чистење на малата депонија со линдан во дворот на поранешниот хемиски гигант Охис.

Линданот е пестицид кој се пренесува преку воздухот, почвата и подземните води и предизвикува огромен вид на заболувања, хормонални нарушувања и повеќе видови на канцер.

Истражувањата на УНИДО покажуваат дека околу 470.000 граѓани на Скопје се секојдневно изложени на токсичното дејство на линданот. Голем дел од околните населби на Охис, се земјоделски површини.

Зеленчукот и овошјето кои се одгледуваат во оваа област, често завршуваат на нашите трпези.

Чистењето на депонијата ќе трае околу две години, а за избор на фирма и технологија за чистење УНИДО ќе формира комисија од меѓународни и национални експерти кои имаат големо искуство во областа.

Избраната фирма ќе мора да исполнува строги критериуми и да ја заштити областа, пред да започне со чистење. За контаминираниот воздух да не ја напушти локацијата, фирмата ќе мора да изгради хала по највисоки европски стандарди со специјална вентилација и прочистувач на воздух, која би можела да издржи и земјотрес од 9 степени според Рихтерова скала.

Давор Пехчевски од Центар за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ вели дека решението не е едноставно затоа што линданот е депониран на отворено и не е заштитен.

„Линданот не е покриен на никаков начин. Скопската котлина била изложена на него веќе 50-60 години. Зборуваме за целата скопска котлина, затоа што е на отворено со ветровите тој линдан е раширен низ целата Скопска котлина, можеби и пошироко.“

Водата која ќе се употребува за чистење на опремата нема да смее да биде пуштена во атмосферската канализација пред да биде испитана и прочистена. Во тендерската спецификација е нагласено дека контаминирана вода не смее да заврши во водите на реката Вардар. Чистењето на малата депонија е еден вид проба за успешноста на технологијата. Доколку се покаже како успешна, истата технологија ќе се употреби за чистење на големата депонија, која е четири пати поголема од малата.

Деконтаминација на почвата

Од канцеларијата на ПОПС (Неразградливи органски загадувачи) при Министерство за животна средина и просторно планирање велат дека се очекува процесот на чистење да биде успешен со оглед на високите критериуми поставени во тендерот.

Но, и покрај строгите критериуми кои ги налага УНИДО, чистењето на депонијата не значи крај на проблемот кој предизвикува здравствени проблеми кај голем дел од скопското население.

Во околината на ОХИС се одгледуваат зеленчук и овошје

Пехчевски вели дека во моментов се непознати концентрациите на линдан во почвата и откако ќе се третира депонијата, мора да се следи дали таа концентрација ќе се намалува или треба да се преземат дополнителни мерки.

„Треба да се направи испитување и на концентрацијата на линдан во луѓето, пред сѐ оние кои се најблиску до депонијата, меѓутоа и општо во скопското подрачје. За да се знае какво е влијанието врз нивното здравје и да се преземат дополнителни мерки во таа насока“, вели Пехчевски.

По чистење на двете депонии мора да се преземат дополнителни мерки за деконтаминација на почвата во соседните населби на ОХИС, како и подземните води, за кои сѐ уште не знаеме во кој размер се контаминирани и колкав негативен ефект има по здравјето на граѓаните.

Автор: Деница Чадиковска

Текстот е првично објавен ТУКА.